Владината поддршка во земјоделството причина за отпочнување на нови семејни бизниси

Континуираната владина поддршка во земјоделството и големиот број на мерки за финансиска поддршка што Владата ги дефинираше за нови инвестиции во земјоделскиот сектор, изминативе години, беа директна причина многу семејства да отпочнат со земјоделски бизнис или пак да го прошират своето производство.

Учествувајќи на огласите за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, голем број на семејства земаа земјоделско земјиште под закуп и ги започнаа своите земјоделски бизниси, инвестирајќи на земјиштето, инвестирајќи во нови насади и нова механизација и користејќи ја при тоа, државната поддршка за овој вид на инвестиции. 

Ваквите примери се забележителни во сите региони и општини во државата. Таков е и успешниот пример на семејството Ангелески, кои во Долно Лисиче во општината Аеродром, веќе неколку години на површина од 10 хектари државно земјоделско земјиште се занимаваат со својот земјоделски бизнис и со производство на овошје, зеленчук и житарици.

При вчерашната посета во оваа општина нив ги посети и премиерот Никола Груевски, каде разговараа за нивните досегашни инвестиции, за искористувањето на владината поддршка но и за нивните понатамошни развојни планови. 

Преку овој начин на комуникација со земјоделците, со теренски средби и разговори и со редовните средби со претставниците на земјоделските здруженија, компаниите од агро секторот и науката, Владата покрај постојаната исплата на субвенциите дефинираше и голем број на мерки за финансиска поддршка за инвестициите на земјоделските стопанства при кои државата кофинансира од 50 до 75 проценти од трошоците од реализираната инвестиција.

Покрај популарната мерка 50-50 за набавката на земјоделската механизација во чии рамки досега Владата финансираше половина од сумата за набавка на повеќе од 7800 парчиња земјоделска механизација, од кои 1600 трактори, од 2013 година Владата овозможи и финансиска поддршка за подигнување на нови лозови и овошни насади, со која Владата директно им помага на овоштарите и лозарите во нивните нови инвестиции за подигнувањето на новите долгогодишни насади. Оглас за овој вид на финансиска поддршка во моментов е во тек. 

-До крајот на месец септември во тек е оглас на којшто сите овоштари коишто реализирале инвестиција во подигање на долгогодишни насади во периодот од 1 јануари до 30 септември оваа година ќе имаат можност да аплицираат и на тој начин да се стекнат со можноста да државата финансира меѓу 50 и 75 % од трошоците кои ги имаат направено во поглед на инвестицијата. Процедурата е едноставна. Се приложува барање до платежната агенција и документација којашто ги претставува трошоците и сите субјекти се добре дојдени да ја искористат оваа можност, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Со оваа финансиска поддршка Владата значително излегува во пресрет на сите лозаро-овоштари во државата кои преку оваа мерка имаат одлична можност за зголемување на своето производство а со тоа и зголемување на својот профит. Од владата информираат дека овој вид на кофинансирање на инвестициите во овоштарството ќе продолжи и во идниот период бидејќи станува збор за мерка која е од голема помош за овоштарството и лозарството како и одлична можност за голем број на семејства кои се решаваат да започнат со земјоделска дејност.

Само изминативе две години во рамии на оваа поддршка Владата финансираше 240 инвестициски проекти за подигнување на нови долгогодишни овошни и лозови насади во сите региони во државата.

 

 

Оцени ја веста

12.09.2015 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега