ВМРО-ДПМНЕ Струмица: Општината тоне поради проблемите кои не ги реши Заев
Без почит кон граѓаните на Струмица, вчера во замена на редовно отсутниот градоначалник, секретарот на општината Кирил Парталов, неуспешно се обиде да ја обвини Владата дека ги намали блок-дотациите за социјална и детска заштита, обвинува ВМРО-ДПМНЕ од Струмица.
-Вистината е следната: Градинката во општина Ново Село, која порано беше под надлежност на општина Струмица оваа година припадна под надлежност на општина Ново Село. Заради тоа, средствата од дотации кои доаѓаат во општина Струмица сега се пренаменети за општина Ново Село. Вредноста на оваа пренамена е 1.415.000 денари. Овие бројки се доказ дека Владата ги нема намалено дотациите, туку два пати ги има зголемено. Ова е вистината која ги боли соработниците на градоначалникот Заев, велат од владејачката партија од Струмица.
Тие повикуваат да не се потценува свеста на граѓаните на Струмица користејќи невистини.
-Граѓаните на Струмица доволно добро знаат кој што прави за Струмица и колку градоначалникот Заев и неговите соработници ветија, а не исполнија. Струмица како општина тоне во агонија од многуте нерешени проблеми кои Заев не успеа да ги реши, а ги вети на граѓаните. Одамна е јасно дека единствен излез за Струмица и струмичани од овој свет на безуспешни манипулации е оставка на градоначалникот и предвремени локални избори во Струмица, додаваат тие.
Според нив, само така Струмица ќе добие градоначалник кој чесно ќе работи во интерес на граѓаните.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа