Железничката станица во Скопје добива целосно нов изглед
Денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави дека до 2015-та година ќе биде целосно реконструирана железничката станица во Скопје. Постапката за рехабилитацијата и надградбата почна денеска со објава на тендер за избор на градежна компанија кој ќе таре до 3 септември. Предвидено е изградбата да трае 12 месеци, што значи дека до 2015 година треба да имаме целосно реконструирана Железничка станица во Скопје.
- Проектот го реализираме со помош на ЕУ, со финансии во износ 2,5 милиони евра, од кои 85 проценти се од ИПА фондовите, а 15 проценти од домашно финансирање. Реконструкцијата се случува по цели 33 години, односно од изградбата на Железничката во 80-тите години, изјави денеска Јанакиески.
Најголем дел од инвестицијата ќе биде внатрешно уредување на Железничката. Со изготвениот основен проект според европските и националните стандарди, треба да се рехабилитираат приземјето, мезанинот и платформското ниво. Ќе се постават два нови лифта, ќе се заменат скалишните краци од мезанинот до платформата со нови, ќе бидат поставени нови информативни табли...
- Веќе се изготвени и проектите за останатите 10 железнички станици на Коридорот 10 и во текот на месецов во соработка со ЈП „Инфраструктура“ ќе ги доставиме документите до ЕК, најави Јанакиски.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за набавка на нови вагони, Јанакиески рече дека целосната документација е доставена до Европската банка за обнова и развој. Чекаме забелешки или одобрување од банката, по што ќе следи јавниот повик, посочи Јанакиески.
ФОТО: А1.он