Министерот за правда се налути - тужба од Беџети за пратеникот Беким Фазлиу
Министерот за правда Блерим Беџети за денеска најави дека ќе поднесе пријава за клевета и навреда против пратеникот на ДПА Беким Фазлиу, јавува Алсат-М. Беџети одлучил да се соочи на суд со опозицискиот пратеник, откако изминал тридневниот ултиматум кој му го даде за јавно извинување.
- Морално и етички е и политичарите да понесат одговорност за јавно искажаниот збор. Ова е целта поради која најавив тужба. Сакам да ја информирам јавноста дека тужбата е во постапка и утре ќе биде поднесена соодветна пријава пред надлежниот суд. Верувам дека ова ќе служи како позитивен пример за сите нас што се занимаваме со политика и вршиме политички функции да не го злоупотребуваме имунитетот и да се криеме зад него, изјавил министерот Беџети, пренесува Алсат-М .
Според Уставот, пратениците уживаат имунитет и тие не може да бидат повикани на одговорност за она што го кажуваат од собарниската говорница. Беџети го повикува Фазлиу да се откаже од имунитетот, а доколку не го направи тоа, најавува дека тужбата ќе се однесува на ставовите кои опозицискиот пратеник ги објавил на социјалните мрежи.
Фазлиу, на последната седница на Собранието, ја праша министерката Јанкулоска дали министерот Беџети бил фатен со дрога и оружје при акцијата на МВР во ноќниот клуб „Шери“. Беџети призна дека бил во „Шери“ вечерта кога се одвувала полициската акција, но, одрече дека поседувал нешто нелегално.