Јанкуловска: Трговијата со оружје е закана за сите европски држави без разлика дали се дел од ЕУ
Недозволената трговија со оружје претставува сериозна закана за сите држави од Европа, независно дали тие се дел од Европската Унија или се дел од Западен Балкан, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во денешното обраќање на Конференцијата на министри за внатрешни работи на Салцбург Форумот што се одржува во Варшава, Полска.
- Најголем дел од оружјето и експлозивните материи потекнува токму од овие конфликти, а истото се чува од страна на поединци или групи кои го продаваат на црниот пазар во регионот, рече Јанкулоска.
Според презентираните статистички податоци македонското МВР во текот на 2012 година откри 178 кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ за што кривично пријавени се 215 сторители. При откривањето на кривичните дела запленети се 178 парчиња разновидно оружје, како и 8.682 парчиња различна муниција, 75 детонаторски каписли и 54,6 килограми експлозив. Покрај мерките на кривичен прогон, поднесени се и 429 барања за поведување на прекршочна постапка против 455 лица, најчесто заради набавување делови од оружје, поседување муниција, носење на оружјето спротивно на одредбите на законот, неподнесување на барање за регистрација на оружје во пропишаниот рок, непредавање на оружјето и муницијата во случај на смрт на сопственикот и слично. Притоа, одземени се вкупно 229 парчиња разновидно оружје, 800 парчиња муниција, две парчиња експлозив, како и значително количество други пиротехнички средства.
Јанкулоска ги информираше своите колеги и за преземените и реализирани обврски по однос на законската регулатива за оваа материја при што нагласи дека и на техничко и на нормативно рамниште веќе се реализирани речиси сите зацртани активности, а во насока на што поуспешно спротивставување на илегалната трговија со оружје.
- МВР и понатаму ќе ги презема сите неопходни активности во насока на сузбивање на нелегалната трговија на оружје, преку зголемување на регионалната соработка и прифаќање на најдобрите пракси од оваа област кои се во сила во земјите членки на Европската Унија, истакна во обраќањето министерката Јанкулоска.