Пападакис: Србија е далеку назад во реформскиот процес во споредба со Македонија
Опасна е одлуката што Македонија не се најде на дневен ред на Европскиот совет и на самитот и покрај исполнетите реформи, вели во изјава за порталот еВести, грчкиот аналитичар и новинар Јоргос Пападакис.
Пападакис кој моментно живее и работи во Србија смета дека оваа земја е далеку назад во реформскиот процес во споредба со Македонија, но дека она што се вреднува по се изгледа е само одлуката за компромис во
случајот со Косово.
- За жал за ЕУ е многу побитно да се покаже волја и да се направи компромис. Не дека се во право, но на Македонија и е потребна Унијата во овој момент. Ако не се смени нешто во скоро време ќе треба Владата да им каже на граѓаните дали вистински сака кон ЕУ или не и која е цената за тоа. Зашто вистина е дека Грција е најголема пречка на патот кон ЕУ, вели Папдакис.
Европските лидери вчера ги прифатија заклучоците на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ, Србија да почне преговори со Унијата најдоцна до јануари догодина. Пападакис вели дека единствена причина за одлуката е договорот со косовските лидери.
- Според мене не се работи за тоа која земја е поподготвена за компромиси и реформи. Јас отсекогш велев дека прашањето за Косово и името со Македонија не се слични камоли исти. Така да не може да се очекува она што го сторија Србите да го сторат и Македонците. Сепак бидејќи живеам во Србија гледам што се случува. Мислам дека Србија не е поподготвена за реформи од Македонија. Лично сметам дека Србија нема да стане официјално членка на ЕУ, вели Пападакис за порталот еВести.