Сопственикот на Комуникација.мк се бранел со молчење
Секторот за внатрешни работи Штип до Основното јавно обвинителство во Штип поднесе кривична пријава против лицето Б.Н. (31) од Скопје, роден во Штип, поради основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело – „измама“. Тој, лажно претставувајќи се како вработен на раководни позиции на оштетените, на повеќе лица им ветувал вработувања во државни институции, за што од нив добивал пари, соопшти денеска МВР.
Пријавениот во периодот од 2007 до 2012 година со цел за себе да прибави противправна имотна корист ги довел во заблуда оштетените лица С.Е. од Радовиш, Б.П. од Скопје, В.Б. од Штип, С.Ј. од Скопје и И.Т. од Штип, со лажно прикажување на факти дека ќе им помогне за вработување или за добивање на социјални станови со што се стекнал со противправна имотна корист од 21.000 евра или околу 1.297.800 денари.
Кривичните дела Оштетените ги пријавиле во СВР-Штип во текот на месецов за што се изготвени Записници за примена кривична пријава. Од извршените разговори со оштетените е констатирано дека пријавениот кривичното дело го сторил така што се претставувал лажно дека е наводно висок функционер или вработен во институциите на различни Министерства. Притоа оштетената С.Е. од Радовиш ја довел во заблуда дека тогашниот министер во Министерство за информатичко општетство му е близок пријател кој ќе и помогне да се вработи во наведеното министерство, а за противуслуга од С.Е. побарал да плати 5.000 евра кои средства истата му ги дала во повеке наврати во текот на октомври 2012 година.
Оштетениот Б.П. од Скопје бил доведен во заблуда од пријавениот со лажно прикажување на факти дека Б.Н. како наводен потпретседател на кадровата комисија во Министерстовото за надворешни работи ќе му помогне на оштетениот да го вработи во наведеното министерство, а дека пак неговата сопруга В.П. ќе ја вработи во Народна Банка на РМ, за што му побарал надомест од 10.000 евра, кои средства во период од октомври до ноември минатата година му биле дадени од страна на сопружниците во стан на пријавениот во Скопје. За да биде поубедлив во измамата пријавениот на оштетените им покажал лажни факти: една плакета од Народна Банка на РМ која наводно му била врачена од Гувернерот за заслуга, значка - легитимација со негови генералии и слика која му била дадена како припадник на НАТО.
Потоа на оштетениот В.Б. од Штип лажно му се преставил дека е вработен како шеф на кабинет во Министерство за транспорт и врски и за да го вработи како негов личен возач му побарал 1.500 евра. Оштетениот во Штип во два наврати во текот на декември 2010 година на пријавениот Б.Н. му дал вкупно 1.000 евра.
На оштетените С.Ј. од Скопје и И.Т. од Штип пријавениот преставувајќи се како висок државен функционер ги довел во заблуда ветувајќи им дека ќе им овозможи да добијат социјален стан и им побарал - на оштетената С.Ј. 3.500 евра, а на И.Т. 5.000 евра. Оштетената С.Ј. на пријавениот во декември 2011 година му дала 3.500 евра и му купила лап топ и мобилен телефон во вредност од 2.500 евра, додека оштетениот И.Т. бидејќи немал доволно пари во јули 2007 година му дал 1.500 евра.
По претходно добиени оперативни сознанија завчера Б.Н. е пронајден и повикан во просториите на СВР-Штип каде во присуство на бранител појаснил дека ќе го користи правото на молчење.
Заради расчистување и документирање на наведените кривични дела лицето е задржано во просториите на СВР Штип. Во просториите на СВР-Штип по претходно добиени наредби за препознавање, извршено е препознавање од страна на оштетените и притоа секој поединечно го препозна пријавениот и го посочи како сторител на горенаведените кривични дела. Вчера, по претходно набавена наредба за претрес извршен е претрес на ПМВ „Киа Сит“ сопственост на пријавенио и при тоа се пронајдени повеќе клучеви и една акредитација –беџ и со потврда се одземени и доставени на кримтехничко вештачење. Пријавениот е спроведено до ОС Штип и од страна на ИС при ОС Штип на Б.Н. му е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена.
Инаку лицето Б.Н. во крим-евиденцијата на МВР минува за повеќе сторени кривични дела „измама“, односно од страна на МВР му се поднесени над дваесетина кривични пријави за посоченото кривично дело и за истите му се изрекувани и затворски казни. МВР апелира до граѓаните коишто имале каков било деловен контакт со пријавениот и се измамени тоа да го пријават во полиција.