Есма се закити со титулата Национален уметник за 2013 година
Реномираниот естраден уметник со богата повеќедецениска светска кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска ја доби титулата Национален уметник за 2013 година.
Од годинава до крајот на животот таа секој месец ќе добива паричен надомест по 60 илјади денари во нето вредност.
- Есма Реџепова-Теодосиевска во последните децении се етаблираше во сите европски и светски центри и ја промовираше македонската култура во меѓународен контекст. Во текот на своите 55 години активно музицирање, учествувала на врвни музички фестивали и манифестации низ светот, со што даде голем придонес во афирмирањето на македонската култура и традиција надвор од нашата држава, рече денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, презентирајќи го добитникот на титулата Национален уметник.
- Ова признание е само една од многуте мерки кои во изминатиот период ги спроведовме во насока на подобрување на статусот на уметничкиот кадар кај нас. Се реализираа многу вработувања, зголемени се примањата на уметниците, ја воведовме националната пензија и ред други мерки. Македонските уметници се најголеми амбасадори на македонската култура и, како и досега, и во иднина ќе останат наш врвен приоритет, рече Канческа-Милевска.
Одлуката Есма да биде добитник на титулата Национален уметник за годинава ја донела Комисијата за утврдување предлог за национален уметник во состав Стојан Стојков - композитор, Данчо Чевревски - професор на Факултетот за драмски уметности, Влатко Стефановски - музичар, академик Луан Старова и академик Васко Ташковски. На конкурсот објавен во април годинава пристигнале три предлози за титулата. Покрај Есма, преложени биле и Борис Трајанов и Рамзи Бела.
Титулата Национален уметник се доделува на 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија.