Груевски: Економски силна Македонија ни е потребна колку и НАТО и ЕУ

 

Премиерот Груевски во вториот дел од интервјуто за „Дневник“ признава дека ако пред неколку години му биле споменати сегашните економски резултати, ќе бил незадоволен. Но, со оглед на светската криза, смета дека Македонија сосема добро се држи. Кога кон тоа ќе се додаде и импресивната листа на инвестиции, што тој првпат јавно ги кажува, а кои се започнати, одобрени или ги очекува, смета дека има сосема сериозна основа да тврди дека државата на економски план се движи во добра насока.

Груевски во однос на сегашната економска состојба во Македонија истакна дека се зависи од кој агол ја гледате работата. - Прво, во првиот квартал оваа година економијата заврши со раст од 2,9 отсто. Значи, безмалку 3 отсто раст. Ако ме прашавте во 2007 и во 2008, сам ќе ви кажев дека тоа не е доволно. Тогаш немаше светска економска криза, ниту европска должничка криза и економијата во Европа и секаде во светот одеше одлично. Денес ви велам дека сум задоволен затоа што сме во услови кога Европа сж уште ја тресат европската должничка криза и рецесиите, па така речиси 3 отсто раст е резултат за почит.

Второ, стапката на невработеност од 29,9 е висока. Но, ако земеме предвид дека наследивме стапка од 38 отсто од 2005 година и поминувајќи низ кризата, која сж уште трае, дојдовме до 29,9, можам да си дозволам да кажам дека намалувањето на невработеноста во едни вакви околности оди добро.

Значи, мојот одговор на вашето прашање е, ако се земат околностите во ова време и во опкружувањето, би рекол дека економијата се движи релативно добро. Порано го мразев зборот стабилно кога стануваше збор за македонската економија, но дојде такво време во Европа и во светот кога да останеш стабилен стана предизвик.

Во однос на тоа дали се очекуваат нови странски инвестиции премиерот одговара: -- Кога веќе ме прашувате за конкретни потенцијални инвеститори, да потсетам дека не можам да објавувам имиња на компаниите додека тие не одлучат да ја објават инвестицијата. Тоа е старо деловно правило во оваа работа. Но можам да дадам опис на она што ни е најавено, без да ја прецизирам компанијата.

Во март оваа година објавив дека еден германски гигант нж извести дека неофицијално веќе го избрале Велес како место каде што ќе ја реализираат својата следна инвестиција од областа на електрониката во автомобилскиот сектор и ќе вработат 600 лица во период од три години. Во меѓувреме тие нж известија дека донеле и одлука на бордот, што значи сега одлуката е формална. Не знам кога планираат да ја објават за јавноста, но начелно ни најавија дека градбата на фабриката би ја почнале на почетокот од следната година, што значи за 7-8 месеци од сега. Дај боже се да продолжи како досега.

Втора најавена инвестиција ни е исто така од германски гигант во областа на информатиката, поточно давање консалтинг-услуги од ИТ на големи клиенти. Тие најавија најмалку 1.100 вработувања, главно со високо образование од различни профили. Одлучија да изнајмат простор, а подоцна да изградат објект во Скопје. Значи, ќе ангажираат економисти, хемичари, биолози и други главно технички струки и од природните науки и ќе вршат обука и тренинзи за оние работи од ИТ за кои ќе има потреба.

Трета е француска компанија од индустријата за автомобилски делови, која нж извести дека одлучи да инвестира во Македонија и да вработи околу 450, а би почнале со 250 вработувања. Сж уште немаат одлучено во кој град или општина ќе инвестираат, а најавија дека до крајот на годината би започнале активности за градба на фабрика. Би произведувале пластично-метални компоненти и би им продавале на некои од глобалните компании од автомобилската индустрија, кои веќе изградија фабрики кај нас, но и голем дел би извезувале. Компанијата има свои фабрики на три континенти, а отворањето на оваа фабрика е преселување на една од нивните фабрики во Северна Африка од каде што сакаат да се повлечат поради политичката нестабилност.

Четвртиот, прилично сигурен инвеститор, е една регионална компанија од областа на индустријата на градежни материјали, која, најверојатно, ќе инвестира во ТИРЗ „Штип“ и ќе вработи 80 луѓе.

Сепак не можам да исклучам дека е можно од разни причини некоја од овие компании да ја смени одлуката или да ја пролонгира инвестицијата. Ова што го говорам е на база на информациите што од нив ги имаме до овој момент.

На прашањето од кое роуд-шоу е најзадоволет, претседателот на Владата на Македонија одговара: 

- Ако под одѕив подразбирате компании што по роуд-шоуто доаѓаат во Македонија или на кој било начин ја продолжуваат комуникацијата, би рекол дека има повеќе примери каде што одѕивот е доволно голем за да се одвојат од другите. Несомнено досега тоа се Америка, Германија, Турција и Индија.

Исто така премиерот за Дневник зборува и за новите вработувања. - - Македонија е земја во која има многу невработени во повеќе ранливи групи и тие луѓе тешко доаѓаат до вработување. Никогаш досега во Македонија не се отворил конкурс на кој предност при вработување би се дало на најзагрозените од оние што долгорочно се невработени над 10 години, на оние што немаат ниту еден вработен од семејство. Во минатото СДСМ ветуваше дека од секое семејство ќе вработи по еден, но од тоа ништо.

Не сметам дека ваквиот начин на вработување треба да стане принцип и да го засени вработувањето според квалитетот ниту, пак, имам илузии дека со овие 1.600 вработувања ќе им помогнеме на сите од овие категории. Што е најважно, оваа мерка не е ни наше изборно ветување и многу внимававме да не ја објавиме и да не ја започнеме пред избори, па да се сфати како предизборен маркетинг. Сепак, мислам дека барем еднаш државата треба да се сети и да им помогне на најзагрозените.

На прашањето како оди градбата на слободните економски зони тој одговара:

- Скопје 1 е завршена, Скопје 2 е при крај, Штип ќе биде функционална во јули кога „Џонсон контролс“ ќе почне да ја гради својата втора фабрика во Македонија, во која планира да вработи над 650 вработени. За тетовската зона се потпиша договорот за јавно-приватно партнерство и сега инвеститорот е на потег да ја догради зоната. Почнати се градбите во Кичево, Прилеп и во Гевгелија и во текот на следната година таму ќе има градежни работи. Во план се зоните Струга-Охрид, Струмица, Радовиш и Ранковце каде што наесен ќе почне градбата, и за последните три, Берово-Пехчево, Кочани-Виница и Делчево во моментов се прават проектите, а градбата би почнала кон крајот на оваа и во почетокот на следната година. Но, напомнувам дека паралелно со овие технолошко-индустриски развојни зони, многу е важно секој градоначалник во Македонија да изгради барем по една индустриска зона. Инвеститорите не сакаат само да инвестираат во ТИРЗ-овите, туку и во индустриски зони. Кој ќе биде спремен макар и со мала зона од 7-8 хектари, тој ќе ги привлече инвеститорите. Но тоа значи да има инфраструктура, пат, улица во зоната, водовод, канализација, а уште подобро за оние што во близина имаат пруга и гас. Кога јас би бил градоначалник, првата инвестиција би ми била во индустриска зона, макар и мала. А и резултатите на оние градоначалници, кои изградија вакви индустриски зони, се импресивни. Битола, Прилеп, Валандово, Василево и неколку други ги изградија и веднаш ги продадоа и во нив се градат погони што ќе вработуваат луѓе од нивната општина. За мене, нема поголем успех на еден градоначалник ако преку ваков чекор отвори нови работни места, што е и најгорливиот проблем во Македонија.

најчитано сега