152 години од издавањето на Зборникот на Миладиновци

Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска го одбележува патрониот празник - 152 години од излегувањето на Зборникот на народни умотворби на браќата Миладиновци.
 
- Браќата Миладиновци се почетници на македонската книжевност. Ова е многу значаен ден за Центарот за култура, за Струга и за цела држава, бидејќи со Зборникот се презентира идентитетот на македонскиот народ, рече директорката на Центарот Слободанка Попоска.

Петар Аврамоски, автор на публикацијата „Прилози и студии за Миладиновци“, која е збир од трудови, автентични истражувања и репрезентативни студии на Аврамоски значајни за животот и делото на браќата Миладиновци, смета дека зборникот е најзначајната книга на македонскиот 19 век. Тој речиси дваесет години од своето творештво ги посветил на струшките преродбеници Димитар и Константин, но и на нивниот среден и помалку познат брат Наум.

- Издавањето на зборникот е еден од најзначајните датуми, покрај 23 октомври, формирањето на ВМРО, можеби втората позначајна годишнина. За мене и за македонскиот 19 век најаначајно е токму зборникот на Миладиновци, бидејќи со него се презентира, но и се потврдува националниот идентитет на македонскиот народ. Се презнетира огромното и толку вредно духовно и културно богатство на Македонија и Македонците на пошироката јавност, на тогашна културна Европа, кое останало незабележано, рече Аврамоски.

Зборникот, додаде тој, станува патоказ за сите следни македонски генерации и со нивна помош ќе дојдеме до она што сега го имаме -  самостојна независна држава Република Македонија.
 
Директниот потомок на Миладиновци, Ристе Миладин, по повод одбележувањето 152 години од излегувањето на Зборникот порача да не се дозволи  нивното дело да се заборави.

- Наша должност е да го продолжиме нивното дело, како што рекол Димитар „јас го посеав семето, а вие бидете живи да го ожнеете неговиот плод“, рече Миладин.

Зборникот на браќата Миладиновци е објавен на 24 јуни во Загреб. Печатен е во печатницата на Антун Јакиќ со помош на бискупот Јосип Јурај Штросмаер и содржи 660 песни.

најчитано сега