Нови детали за пукањето во Тетово - расте бројот на повредени
Дваесет и две годишниот A.A. од Порој починал, а уште 10 лица се здобиле со разни повреди по вооружената престрелка што вчеравечер околу 22 часот се случила во угостителскиот објект „Баркод“ во Тетово, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Според непотврдени и неофицијални информации засега непознато лице започнало однадвор да пука кон група други лица кои во тој момент биле во објектот. При тоа според податоците на Јосифовски А.А. се здобил со смртни повреди од огнено оружје во стомакот и градниот кош. Тој веднаш по укажаната помош во тетовската болница бил упатен кон Скопје, но на пат за скопската болница „Систина“ им подлегнал на повредите и по наредба на јавен обвинител врз неговото тело ќе се изврши обдукција.
Уште шест други лица кои се наоѓале во објектот, на возраст од 20 до 25 години, задобиле повреди од огнено оружје најмногу во долните екстремитети. Поради сериозноста четири од нив биле пренесени на скопските клиники, додека останатите две биле задржани на лекување во тетовската клиничка болница. Други четири лица завршиле со телесни повреди, расеченици, набиеници и друго и откако биле пренесени во тетовската болница по укажната помош биле пуштени на домашно лекување.
Јавен обвинител и екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле увид на местото на престрелката, каде биле пронајдени и подигнати за вештачење повеќе траги (празни чаури од пиштолска муниција, проектил и друго), а по едно од лицата за кое СВР Тетово располага со сознанија дека учествувало во престрелката распишана е потрага. Се превземаат мерки и активности за целосно расчистување на сите поединости поврзани со случајот, мотивите за престрелката и се друго изјави Јосифовски
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа