Одбележување 50 години од земјотресот во Скопје

 

По повод одбележувањето на 50-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го зафати главниот град, Град Скопје, Универзална сала и други институции ќе организираат  неколкумесечни активности под мотото „Скопје се сеќава“.

- Сакаме да им оддадеме почит и признание на сите оние кои помогнаа во надминувањето на несреќата што го зафати Скопје. Воедно сакаме да се сетиме на сето она што се случи во Скопје, на сите несреќни човечки судбини, на материјалните добра и ликот што го изгуби градот. Со неколкумесечни активности, според програмата во која учествуваат неколку институции од Град Скопје ќе се обидеме да одбележиме 50 години од земјотресот во Скопје, рече градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски на денешната прес-конференција.  

Директорката на Универзална сала-Скопје Вера Бошковска образложи дека се работи за широка палтформа која ќе обедини повеќе институции, организации, здруженија, НВО кои ќе имаат за цел да покажат дека со годнини наназад во Скопје се почитуваат исти вредности-љубов, солидарност и храброст. 

Бошковска информира дека имало објавено конкурс за учество во програмата и потенцира оти се уште, сите заинтересирани субјекти може да се вклучат. 

- Тоа утро, во 5 часот и 17 минути, со првиот страотен удар, а потоа и со другите последователни Скопје беше исфрлено од нормалниот животен колосек, а неговата судбина доби сосема друг тек, рече Данило Коцевски, хроничар за Скопје.

Во соработка со Министерството за надворешни работи, македонските амбасади во странство, здруженијата на Македонците во одредени земји  и збратимените градови, ќе се изрази благодарност до сите хумани земји и граѓани кои помогнаа по земјотресот, кога 80 отсто од градот беше уништен или оштетен, имаше 1.000 жртви, а 100.000 луѓе останаа без дом.

 

најчитано сега