Седници на три собраниски комисии
Денеска во македонското Собрание седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет и за образование, наука и спорт, како и Националниот совет за евроинтеграции.
Предлог-законот за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, во прво читање и Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2012 година се на дневен ред на Комисијата за финсирање и буџет.
Комисијата за образование, наука и спорт треба да ја разгледа статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, во прва фаза.
Националниот совет за евроинтеграции ќе ја разгледа Информацијата за реализација на активностите од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2013 година, за периодот 01.01.2013 - 31.03.2013 година, а на дневен ред е и Предлог-Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за 2012 година.
Членовите треба да се изјаснат и за предлог-заклучоците од јавните расправи на Советот по работната верзија на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција и по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита.