Петнаесетмина електраши добија стипендии од енергетските компании
Енергетските компании АД ЕЛЕМ, АД МЕПСО и ЕВН Македонија денеска им доделија стипендии од по 6.000 денари на 15 студенти од електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии со просек на студирање повисок од 8.
Најголем дел од студентите се од прва година и тие ќе ги задржат стипендиите до крајот на школувањето доколку ја задржат минималната просечна оценка од 8. Секоја од компаниите додели стипендии на по пет студенти.
Деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски посочи дека бројот на стипендирани студенти годинава е поголем од лани и воедно нагласи дека студентите годинава покажале многу повисок просечен успех на положените испити.
- Благодарејќи на нашата иницијатива, залагањето на трите енергетски компании и кампањата на Владата за студирање на техничките науки бројот на запишани студенти на електроенергетските насоки постојано се зголемува. Пред две години бројот на запишани студенти беше 30, првата година од доделувањето на стипендии се зголеми на 60, а лани се запишаа над 100 студенти, рече Станковски.
Нагласи дека првата година немало кој да добие стипендии. Лани добиле помал број на студенти, а годинава, како што кажа, енергетските компании имаат проблем да ги одберат 15-те најдобри студенти.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Дејан Бошковски истакна дека како општествено одговорна компанија секогаш даваат поддршка на проекти за развој на науката.
- Студентите од ФЕИТ ги гледаме како наши идни колеги менаџери кои во иднина ќе работат на унапредување на енергетиката како најважен фактор и основа за економскиот развој на државата. АД ЕЛЕМ две години доделува стипендии за да ги поттикне младите да се унапредуваат и усовршуваат во енергетскиот сектор, рече Бошковски.
Годинава, како што кажа, покрај петте стипендии на студентите од ФЕИТ доделиле уште 10 стипендии на Машинскиот факултет и на Факултетот за рударство при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Членот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Игор Гиевски истакна дека поддршката за едно семејство во деновите на студирање секогаш е добредојдена.
- ЕВН беше првата компанија која почна да доделува стипендии на овој Факултет. Веќе две години по ред доделуваме стипендии. Годинава стипендиите ќе ги добијат четири студенти од прва студиска година и еден од претпоследна, рече Гиевски.
Нагласи дека стипендистите ќе имаат можност да практицираат во ЕВН Македонија при што ќе добијат ментор кој ќе се грижи за поддршка на стипендистот во компанијата и следење на целиот негов процес на учење.
Генералниот директор на АД МЕПСО Синиша Спасов рече дека му е чест и задоволство да учествува во активноста која станува позитивна општествено одговорна практика и дава одлични резултати преку мотивирањето на студентите да постигнуваат подобри резултати.
- Константно се зголемува бројот на апликанти за стипендии што покажува дека стипендиите се добра мотивација. На добитниците на стипендии им посакувам да продолжат на патот на којшто почнале да одат, рече Спасов.
Тој изрази надеж дека доделувањето стипендии за најдобрите студенти на енергетските насоки ќе премине во традиција.