Ивон Величковски: Генералниот секретар на СДСМ со СМС не извести дека не сме дел од коалицијата
Либералната партија, на Ивон Величковски засега останува самостоен политички субјет на опозициската сцена. Претседателот на партијата во неделното интервју за Прес24, вели дека постои добра можност да соработка со останатите опозициски субјекти вклучувајќи го и СДСМ, но најмногу од се зависи како новиот лоидер на СДСМ ќе се позиционира.
-Лакмус за неговата успешност во поширока смисла на опозицијата е дали ќе проектира услови и околности СДСМ да излезе од заложништвото на „Кумановскиот декларациски синдром“, вели Величковски за Прес24, потенцирајќи дека таа декларација има одредби спротивни дури и на одредени демократски принципи.
- ЛП и јас лично издржавме ниски инсинуации на поранешни високи раководители на СДСМ и нивни медиумски поддржувачи и во текот на изборната кампања и потоа. Еве, на јавноста и е малку познато дека на една недела пред поднесувањето листи, генералниот секретар на СДСМ во заминување со СМС-порака не извести дека таа партија ги прекинува преговорите со ЛП и се обиде тоа да го алиментира со одбивањето на ЛП да ја потпише т.н. „Кумановска декларација“ која беше замислена да го „бетонира“ бојкотот на Опозицискиот фронт на изборите, вели за Прес24, Величковски.
Претаседателот на ЛП во саботното интервју зборува и за разединувањето со Црвенковски.
-Разликите кулминираа откако јавно го соопштив ставот на ЛП дека погрешно е неприфаќањето на ад-хок комисијата што Брисел ја предложи како модалитет, а СДСМ експресно ја одби уште во прва фаза. Инаку, тоа што не депонирав оставка не беше одраз на несолидарност, туку на принцип - ниту на Груевски би му потпишал меница, ниту на Црвенковски би му го вратил мандатот. Мандатот се добива од граѓаните и тој се враќа во Собрание, на седница, вели Величковски.
Тој вели дека засега ЛП нема дефинирано дали и со кој политички субјект би соработувала од оние кои се во најава заљ формирање.
-До финализирањето на иницијативите за формирање партии и на Јакимовски и на Бучковски, во моментов може само да констатираме дека нивниот интерес за коалицирање со ЛП докажува дека во овие две децении Либералната партија израсна во бренд кој спојува граѓани и иницијативи на општествено активни и одговорни поединци. Консеквентно на претходно објаснетите принципи, за соработка може да се зборува само врз основа на јасна платформа, програма и цели, вели за Прес24, Величковски.
Од денешна дистанца, пет години по раскинувањето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, Величковски вака ја оценува политиката на Премирот Никола Груевски.
-Рецептот на општествени историско-идеолошки проекти зачинети со обилен државен интервенционизам во економијата, го сметам за неодржлив во Македонија од 21. век и како заедница веќе не доведува до границите на општествената и економската одржливост. Од партиско-политички аспект, пак, мора да се признае дека ВМРО-ДПМНЕ на Груевски воведе нови стандарди за професионализација во политиката, вели во саботното интервју за Прес24, Ивон Величковски, Претседател на Либералната Партија.
ПРЕС24: Опозициската политичка сцена, како ретко кога изминативе седум години, колку што ВМРО-ДПМНЕ е на власт, е раздвижена. Во тој блок е и вашата Либерална партија. Каде ЛП ќе се позиционира во следиот период, поблиску до СДСМ или до најавите за трета политичка опција?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Раздвиженоста на опозициската политичка сцена е нормална последица на резултатите од локалните избори и од исходот на конгресот на СДСМ. Тука придонесува и фактот што токму овие избори прелеаја дел од електоратот СДСМ кон поединците, т.е. партиите што произлегоа од таму поради несогласувањата со политиката на нивното поранешно раководството. Оттука, очигледно е дека сме во почетните фази на консолидацијата и прераспоредувањето на силите во опозицијата.
Затоа, за ЛП не е битно виртуелното, туку фактичкото, суштинското позиционирање и драго ми е што опозициското дејствување на Либералната партија е препознато и поздравено и од нашите поддржувачи и генерално од јавноста. ЛП изминатите два месеци практично беше единствениот упорен критичар на власта во Собранието, а и покрај самостојниот настап на локалните избори, останавме доследни на обврските и политиките што ги застапуваме од 2011.
Да резимирам. Либералната е опција по себе, а либерализмот е идеологија, но и филозофија и стил на живеење, а коалициите се производ на програмска усогласеност. Оттука ЛП може да се определи за соработка со опозициските партии што ќе извлечат поука од грешките и изборниот пораз на сите нас во опозицијата, но ќе бидат и подготвени да дефинираат заедничка платформа, програма и цели под заеднички именител - промена на Владата и нејзините погрешни политики.
ПРЕС24: Пред извесно време рековте дека сте отворени за соработка со Бучковски, на локалните избори бевте многу блиску до Стефчо Јакимовски, го поддржавте во Карпош. Иако и Јакимовски и Бучковски не ја отфрлаат можноста за соработка, сепак сега засега се две посебни политички опции, со кого полесно би договориле соработка?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Ценејќи дека граѓаните на Карпош високо ја вреднуваа политиката на Јакимовски, сметавме дека ќе ги предадеме нивните интереси и јасното опозициско расположение во Карпош доколку тој не биде кандидат на локалните избори; изборните резултати ја потврдија нашата проценка. Улогата на партиите, меѓу другото, е да промовираат и поддржат поединци со јасни и добри програми за заедницата пред која излегуваат на избори. Искрено, ме изненади фактот што, барем според информациите кои ми се на располагање, СДСМ одби да формира мнозинство со неговата советничка група, што истовремено ќе ја одразеше општата опозициска клима во Карпош и ќе ја верификуваше определбата на карпошовци да избираат понуда, наместо партија.
Од друга страна, до финализирањето на иницијативите за формирање партии и на Јакимовски и на Бучковски, во моментов може само да констатираме дека нивниот интерес за коалицирање со ЛП докажува дека во овие две децении Либералната партија израсна во бренд кој спојува граѓани и иницијативи на општествено активни и одговорни поединци. Консеквентно на претходно објаснетите принципи, за соработка може да се зборува само врз основа на јасна платформа, програма и цели.
Нашата отвореност беше јасно ставена до знаење со цел концентрирање на капацитетот и гласовите на едно место, бидејќи секоја загуба на енергија, време и средства во формирање нови и нови субјекти само го отежнува и одолговлекува дефинирањето и организирањето на еден концентриран и ефикасен центристички политички субјект. Тоа и оди во прилог пред се на власта, но и на сите што би сакале да ја конзервираат биполарната и бинационална политичка сцена во земјата и тоа е преголем луксуз за сериозниот граѓански политички центар.
ПРЕС24: Вие како пратеник се уште формално сте дел од пратеничката група на НСДП. Политиката на партијата на Петковски сепак е многу поблиска до СДСМ. Останувате во оваа пратеничка група, или пак можно е формирање нова пратеничка група, или пак самостоен настап?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Како што можевте да забележите, немавме цел да им наштетиме на партиите со кои настапувавме заедно на изборите од 2008 наваму. Впрочем и ЛП и јас лично издржавме ниски инсинуации на поранешни високи раководители на СДСМ и нивни медиумски поддржувачи и во текот на изборната кампања и потоа. Еве, на јавноста и е малку познато дека на една недела пред поднесувањето листи, генералниот секретар на СДСМ во заминување со СМС-порака не извести дека таа партија ги прекинува преговорите со ЛП и се обиде тоа да го алиментира со одбивањето на ЛП да ја потпише т.н. „Кумановска декларација“ која беше замислена да го „бетонира“ бојкотот на Опозицискиот фронт на изборите. ЛП ги бојкотираше првите рокови за поднесување листи, но откако „бетонот“ распука и СДСМ реши да оди на изборите, ЛП не беше затечена и се водеше од две премиси: да не трпиме дополнителни последици на дезориентираноста на останатите и да поднесеме листи само во општините каде сметавме дека можеме да ја дополниме опозициската понуда. Оттука, десетте илјади гласови што ги добивме во апсолутна бројка, односно 7.045 гласови за советнички листи во само дванаесет општини за ЛП потврдуваат дека направивме правилен чекор, иако јасно е дека можевме и повеќе.
Во овој дух, по консултацијата со Извршниот комитет на ЛП, одлучив во периодот по изборите да не му наштетуваме на консолидирањето на СДСМ и на овој дел од опозицијата и затоа продолжи функционирањето на пратеничката група на НСДП и ЛП. Конкретните одлуки по ова прашање во следниот период ќе ги носиме водени од истото ниво на коректност и промисленост.
ПРЕС24: Изминативе 20 години партиски плурализам покажа дека во Македонија тешко проаѓа трета политичка опција. Анкетите пак покажуваат дека најголем процент од испитаниците би поддржале трет политички субјект. Што е причината за досегашниот неуспех на оваа опција, и верувате ли дека сега може таквата опција да стане значаен политички фактор во Македонија?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Од Конгресот во 2004 ЛП е дефнирана социјал-либералната опција. Иако таа во овие две децении никогаш не се искачи на првото место, по пратенички мандати беше и втора и трета политичка групација во Собранието, но моментално е далеку од тие резултати. Задача на нашиот партиски тим е ЛП да се врати на природните позиции - да биде реална опција за сите граѓани особено со понуда во доменот на економијата, финансиите, надворешната политика, политичкиот систем, локалната самоуправа, човековите и граѓанските права и слободи, медиумите, здравството.
Инаку причините за неуспехот може да се бараат во многу фактори. Најпрво ги лоцирам во комоцијата, конформизмот и суетноста што некогаш знае да надвладее врз основа на внатре-партиски и на надворешни фактори. Овие слабости во изминатиот период беа вешто користени и од левицата и од десницата и заедно со изборниот модел го демотивираа осиромашениот граѓанин да го бара своето, да се „скрши“ и да се моли за минималното.
ПРЕС24: Што всушност поразлично може да понуди третата политичка опција?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Либералната опција нуди политика за враќање на средниот слој. Ние не сме посветени на „патриотска аристократија“ или „црвена буржоазија“, на шизми или поделби, туку на враќање на нормалниот живот во општеството во кое средниот слој ќе доминира над моменталните остри социјални спротивставености. Индивидуалност, слобода, пазарна и лична иницијатива, стабилна и пресметлива политика, колективен просперитет заснован на лична благосостојба... - она што им е толку потребно на граѓаните воопшто.
За илустрација земете го примерот со Берово и улогата на ЛП. Нашиот советник е клучен за формирање мнозинство и тоа го проектираме со опозициските советници. Притоа, соработката ја засноваме на неколку проекти на кои ни беше заснована кампањата на локалните избори, а се од значење за беровчани. Но, истовремено целта е овие проекти да бидат поддржани со консензус за доброто на граѓаните, што кохабитацијата на градоначалникот и мнозинството во советот ќе ја направат функционална, спротивставеностите ќе ги сведе на минимум, а ќе ја гарантира добробитта на општината и нејзините жители.
ПРЕС24: СДСМ сепак останува засега најмоќната политичка опозициона партија во овој блок. Како го коментирате изборот на Зоран Заев за претседател на СДСМ?
ВЕЛИЧКОВСКИ: И за ЛП, а верувам и за секој добронамерен во опозицијата, изборот на Заев за претседател на најголемата опозициска партија создава позитивни очекувања, имајќи ја предвид и мнозинската поддршка од делегатите на партискиот конгрес. Ваквата позиција му овозможува да влезе во темелни процеси во својата партија, што не би требало да остане без резултат и пошироко. А реално Заев важеше и за фаворит во изборната трка, па неговиот избор не беше изненадување.
ПРЕС24: Може ли тој да донесе нова свежина во СДСМ и да биде еден вид обединител на опозицијата?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Одговорот на овие прашања ќе може појасно да се насети откако тој ќе се определи за своите соработници - и во партијата и во опозицијата воопшто. Тоа ќе покаже и колку тој ќе може да го надмине застојот и инерцијата во дејствувањето на СДСМ од изминатиот период и внатрешно и екстерно. Имајќи ја предвид неговата доследност и приврзаност кон партијата кога беше в.д. претседател на СДСМ, а и неговиот капацитет за градење тимови без кои немаше да биде градоначалник на Струмица веќе трет мандат, не се сомневам дека ќе вложи максимални напори во консолидацијата на СДСМ која несомнено ќе биде подолгорочен процес на соочување со наследството од претходните состојби.
Екстерно-партиски, ценам дека еден од основните предизвици пред Заев и неговиот тим ќе биде препознавањето на новите текови и потреби на македонската политичка сцена и опозицијата во таа смисла, односно изменетите околности во кои опозицијата веќе тешко ќе може да биде потпрена на само еден носечки столб и само во еден етнички кампус. Прв тест во овој контекст ќе биде надминувањето на атмосферата и матрицата на Опозицискиот фронт по потпишувањето на т.н. „Кумановска декларација“, која во себе содржеше одредби спротивни дури и на одредени демократски принципи. Значи, лакмус за неговата успешност во поширока смисла на опозицијата е дали ќе проектира услови и околности СДСМ да излезе од заложништвото на „Кумановскиот декларациски синдром“.
ПРЕС24: Јавноста има впечаток, особено по случувањата на 24 декември и тогашните најави за бојкот на изборите, дека Вие во многу нешта не се согласувавте со политиката што ја водеше Црвенковски. Но, јавно честопати знаевте да ги негирате такквите написи, иако никогаш не ја депониравте оставката што тој ја побара од сите пратеници кои преку СДСМ влегоа во парламентот. Во што всушност беа вашите разидување со раководството на СДСМ?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Имајќи ги предвид сите предности и грешки, факт е дека белегот на Црвенковски на македонската политичка и државна сцена е несомнен, но разликите во матриците, прагмата, погледите и возраста веројатно придонесоа меѓу нас да се издвојат неколку суштински програмски и тактички несогласувања.
Прво, тоа беше „слупчанскиот случај“ и одлуката ЛП авансно да не го поддржи Законот за бранители поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа го стори СДСМ. Второ, различно гледавме на барањето за предвремени избори што Црвенковски го промовираше на митингот во Скопје во октомври 2012, како финале на „работното лето“. Трето, ЛП не донесе одлуката за соработка со коалицијата „Пелистер“ и имавме различни погледи за идеолошката (не)компатибилност. Резултатите од локалните избори покажаа дека СДСМ плус „Пелистер“ не само што освои 100.000 гласови помалку во однос на резултатите од 2011, туку дека „дупката“ е поголема за уште 70.000 илјади гласови што „Пелистер“ требаше да ги донесе. Разликите кулминираа откако јавно го соопштив ставот на ЛП дека погрешно е неприфаќањето на ад-хок комисијата што Брисел ја предложи како модалитет, а СДСМ експресно ја одби уште во прва фаза. Инаку, тоа што не депонирав оставка не беше одраз на несолидарност, туку на принцип - ниту на Груевски би му потпишал меница, ниту на Црвенковски би му го вратил мандатот. Мандатот се добива од граѓаните и тој се враќа во Собрание, на седница.
Веројатно ова охрабри некои функционери на СДСМ во заминување да се обидат да си ги покријат своите кадровски и политички грешки во измислен надворешен непријател и него да го проектираат во Либералната партија, но мислам дека тие и нивните одлуки и постапки скапо го чинеа и СДСМ и опозицијата воопшто.
ПРЕС24: Господине Величковски, Вашата партија беше дел и од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, долги години па и по победата во 2006. Јас сакам да Ве прашам, за искуството. Ако треба да дефинирате кој е подобар, или пофлексибилен коалиционен партнер, кого би одбрале, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Коалиција се прави програмски или (во вонредни услови) за одредено време и надминување конкретен екстремент предизвик. Затоа, кога зборуваме за флексибилноста, би рекол дека флексибилноста на ЛП во коалицирањето и попустливоста во програмска и кадровска смисла сериозно придонесе нашето влијание врз локалните и државните политики да опаѓа со секои следни избори. Од друга страна, резултатите во вака ограничен број средини каде настапивме на локалните избори, покажаа дека граѓаните ја препознаваат нашата улога и програма. Ова укажува дека ЛП била префлексибилна и недоволно упорна во наметнувањето на нашите програмски решенија, па ова раководство на ЛП има обврска да ја промени таквата перцепција и реалност
ПРЕС24: Како го оценувате седум годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ?
ВЕЛИЧКОВСКИ: На пошироката јавност и е познато дека и во 2006 бев поборник на самостоен настап на ЛП на парламентарните избори. Едноставно, проценував дека Груевски наметнува комплексна матрица прво во својата партија, потоа кај сопствениот електорат и, како што се гледа денес, во пошироката општествена заедница, со чии приоритети не се согласувам. Рецептот на општествени историско-идеолошки проекти зачинети со обилен државен интервенционизам во економијата, го сметам за неодржлив во Македонија од 21. век и како заедница веќе не доведува до границите на општествената и економската одржливост. Од партиско-политички аспект, пак, мора да се признае дека ВМРО-ДПМНЕ на Груевски воведе нови стандарди за професионализација во политиката.
Но, најтешка колатерала во овој процес се граѓаните и институциите. Бидејќи институциите се испреплетоа со партиите на власт до степен на партиска зависност и парализираност, граѓаните веќе не си ги бараат законските права пред институциите, туку клиентелистички бараат еднократни решенија од партиите. Тивкото запоседнување на индивидуалното и незаштитеноста на поединецот пред институциите се рефлектира и во стопанството, кое стана заложник на дисфункционалното владеење на правото. А сето ова заедно спречува Владата и Собранието да ги детектираат и решаваат вистинските предизвици и проблеми за државата.
ПРЕС24: Како го коментирате заедничкиот избор на опозицијата и власта, Борче Давидковски да биде прв човек на ад хок комисијата за расчисување на настаните до 24 декември?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Сум имал задоволство како студент да ги следам предавањата на професорот Давитковски на Правниот факултет во Скопје и немам сомневање во неговата стручност. Охрабрува и дека е направен првиот чекор кон нормализирањето на политичкиот дијалог во земјава. Затоа консензуалниот избор на Давитковски е можност за (членовите на комисијата од) ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ги „закопаат секирите“ и „црниот понеделник“ да не остане само настан, туку точка од која во политиката во Македонија ќе се знаат причините, последиците и одговорноста.
ПРЕС24: Од денешна дистанца, дали мораше да се случи 24 декември и колку во тој немил инцидент придонесе опозицијата?
ВЕЛИЧКОВСКИ: За ЛП овој настан беше најнепосакувано сценарио, но од денешна призма за него очигледно имало подготвеност и мотиви. Несомнено е дека за се, па и за овој инцидент се потребни двајца, но останува фактот дека мнозинството има мнозинска одговорност и отстранувањето на новинарите и пратениците од пленарната сала беше одлука на носителите на власта избрани од тоа мнозинство.
ПРЕС24: Кој е ставот на Либералната партија во поглед на прашањето за името? Што е Вашата црвена линија во спорот со Грција?
ВЕЛИЧКОВСКИ: Нашите ставови се засновани на неколку премиси. Прво, дека спорот трае предолго и дека е оптеретување и за нас и за Грција и за регионот воопшто, а декларирањето „црвени линии“ во одредени фази од спорот повеќе штети одошто помага во неговата разрешница. Второ, дека Собранието треба да донесе Стратегија што ќе ги верификува позициите на земјата и фактички ќе ги исцрта заедничките правно-политички рамки на пратениците од парламентарните политички партии, односно на граѓаните претставени преку нив, согласно документите на Советот за безбедност на ОН и Меѓународниот суд на правдата. Впрочем, забележувате дека ЛП не лицитира со имиња и одредници за дневни потреби, туку бараме одржлива и одговорна проекција на решавањето на спорот и отворањето на перспективите на македонските граѓани низ интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО.
ЛП го застапува ставот дека политиката во решавањето на спорот за името треба да се заснова на резолуциите 817 и 845 и Времената спогодба од 1995. Ние ги знаеме и признаваме тешкотиите што ги прави Грција, но сметаме дека од наша страна не смее да се прават грешки со кои ќе бидат зајакнувани грчките преговарачки позиции. Во ваков контекст, сметаме дека е погрешна определбата за референдум. Можеби некои луѓе не се свесни, но треба да знаат дека со таквата определба се излезе надвор од рамките на резолуциите и Времената спогодба кои решавањето на спорот го проектираат само на замена на референтното име под кое сме примени во ОН, со ист опфат и намени како што таа се применува во моментот. Со референдумот, пак, се излегува од тие рамки и се отвора можноста за промена на Уставот. На тоа се заснова сегашната позиција на Грција, дефинирана како „ерга омнес“. Доколку се држевме до ваквите премиси на ЛП, грчката позиција ќе беше неодржлива, а македонскиот идентитет немаше вака да биде изложен во преговорите како „страничен влог“ на домашните дневно-политички непромислености од 2005 наваму. Познато е и дека по ова прашање разликите на ЛП и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ се суштински.
И конечно, јасно е дека што подолго трае спорот, толку повеќе нашиот идентитет од македонски станува „БЈРМ-овски“ и тоа, заедно со оддалечувањето од европските и евро-атланските интеграции, не прави анахрони и внатрешно и надворешно, во регионот и пошироко