Над 15.000 лица аплицирале за новите вработувања

 

Дури 15.000 апликации се поднесени за огласот за вработување на 1.600 лица од најзагрозените социјални категории. Според очекувањата нивниот број може да достигне до 30.000.

Ова беше истакнато на форумот кој денеска се одржа во организација на ВМРО-ДПМНЕ на тема „Вработувања на 1600 лица од најзагрозените социјални категории“.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов на денешниот форум истакна дека еден од најголемите приоритети на Министерството и Владата е токму намалување на невработеноста

-За оваа намена обезбедени се вкупно 554 милиони денари од активниот план за вработување и се очекува да се создадат услови и можности за вработување и за основање на бизнис на повеќе од 10.000 луѓе, истакна министерот.

Цели на оперативниот план за вработување, објасни Спасов, се обезбедувањето услови за вработување и стекнување на знаење, искуства и подготовка на лицата за вработување.

Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски изјави дека најмногу заинтересирани кандидати има за местото помошници-работници, но голем број од апликациите се и за работните места кои бараат високо образование. 

-Изборот на сите овие 1.600 лица ќе се врши правично и праведно на професионален начин, а изборот ќе го вршат комисии кои ќе бидат составени од членови од повеќе државни институции. Средствата за овие вработувања изнесуваат 3 милиони евра кои се обезбедени од буџетот на јавното претријатие, посочи Караџоски.

Караџоски информираше дека овие средства претпријатието претходно ги давало на надворешни извршители.

На форумот земаа учество и пратеничката Светлана Јакимовска, директорот на АВРМ Влатко Поповски и претставник на здружението на самохрани родители “Надеж “ Весна Петрова.

најчитано сега