Појадок кој се подготвува додека вие спиете

Навечер, пред да си легнете во кревет, измешајте ги наведените состојки во тегла, а кога наутро ќе станете, ќе ве дочека готов појадок. Доволно вкусен, здрав и преполн со одлични ароми.

Овојпат ви предлагаме да ги пробате овие комбинации, а со малку фантазија и креативна енергија може да ја осмислите и вашата омилена верзија.

Најпрво подгответе база и тоа така што во поголема тегла ќе сипете 1/3 шолја овесни снегулки, ќе додадете една лажица чиа семе, 1/4 шолја млеко по избор (бадемовото е фантастичен избор, а се подготвува неверојатно брзо), 1/4 шолја јогурт, а потоа комбинирајте ги омилените вкусови.

Ви предлагаме да го пробате чудото од моркови, така што на базата ќе ѝ додадете две лажици мед, три мали лажици цимет, три лажици рендан морков и рака бадеми или ореви.

Боровинките со лимон пак се фантастичен начин за да го започнете својот ден и тоа така што на базата ќе ѝ додадете една мала лажица ванила екстракт, две лажици џем од боровинки, рака свежи боровинки и малку кора од лимон.

Не може а да не го пробате и фантастичното доживување со јагоди и чоколадо, така што на базата ќе ѝ додадете две големи лажици мед, една мала лажица какао, рака свежи исецкани јагоди и две изрендани коцки темно чоколадо.

Но, додека не ја пробате комбинацијата од банана и ореви, дефинитивно ништо не сте направиле. Оваа експлозија од вкусови моментално ќе ве разбуди и ќе ви посака одличен почеток на денот. Едноставно во базата додадете две лажици јаворов сируп (или мед), 3 големи лажици путер од кикиритки (кој исто така може сами да си го подготвите), сецкана банана и рака ореви.

А сега, време е за малку забава, и тоа утринска. Пробајте да го започнете денот со пина колада, а со резултатот дефинитивно ќе се изненадите! Во базата додадете една лажица пасирани банани, две лажици грубо мелени бадеми, рака свеж ананас и лажица кокосово брашно.

Теглата со омилената комбинација оставете ја да отстои во фрижидер преку ноќта, а во утрото ќе ве дочека готов и совршено интересен појадок во кој ќе уживате.

Извор: Кармин

 

 

Оцени ја веста

28.01.2015 - 21:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега