Не излегувајте надвор ако не морате - еве кои градови се најзагадени утрово

Воздухот утрово е загаден во Скопје, Тетово, Битола и Кавадарци. Мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирања покажуваат дека во Скопје на мерните станици е евидентирано присуство на ПМ10 честичките меѓу 250 и 300 микрограми, а во Тетово над 300 микрограми. 

Во Битола и Кавадарци нивото на честичките е пониско, меѓу 100 и 150 микрограми, но и таму е над максимално дозвоелните 35 микрограми на метар кубен. 

Во текот на ноќта регистрирано е присуство на ПМ10 честички меѓу 300 и 500 микрограми. 

Поради загадувањето Градот Скопје вчера упати повеќе препораки до граѓаните. 

Движењето на отворен простор граѓаните да го сведат само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни и постарите луѓе да не излегуваат на отворено, да не се проветруваат просториите и автомобилите да не се користат без поголема потреба. 

Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на чадот, граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и сл. со кои се загадува воздухот во просториите, а при затоплување на домовите да не се користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали).

Возачите на тешките товарни возила се препорачува да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат ако немаат регулирано испуштање на отпадните гасови, а раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада, стои во препораките.

До стопанствениците се апелира своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да избегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Инспекторатот на Град Скопје.

Град Скопје ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените препораки со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет на воздухот во градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме. 

Од Градот Скопје  наведуваат дека загадувањето на воздухот се должи пред се на стабилната временска состојба карактеристична за скопската котлина во зимски услови, која не дозволува дистрибуција на загадувачките материи.

 

 

Оцени ја веста

21.01.2015 - 09:25
Фото: 
вести.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега