УСАИД и ССМ ќе го зголемуваат вработувањето во Македонија
Денеска, во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и со поддршка од УСАИД, се одржа конференцијата „Локалниот социјален дијалог во Македонија - предизвици и потреби“. Целта на проектот е основање локални економско-социјални совети (ЛЕСС) во општините и зголемување на вработувањето во Македонија.
Во рамки на проектот на УСАИД Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување се обезбеди поддршка за формирање локални економски совети, како и практики кои треба да се имплементираат и во други општини.
Американскиот амбасадор Пол Волерс истакна дека е потребен дијалог меѓу Владата, работодавачите и работниците за да може да се усогласат потребите на пазарот на трудот со нивните квалификации и вештини. Потенцира дека конференцијата има за цел и да помогне да се зголеми вработувањето во Македонија.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информира дека ќе се залагаат за промовирање на локалниот социјален дијалог во повеќе општини.
- Зајакнување на вештините за вработување на младите и подобрување на понудата и побарувачката на работна сила на локално ниво, се наши приоритетни цели за зголемување на ефективноста на младите, но и ефективноста на институциите на пазарот на трудот, рече Спасов.
Според него, зајакнувањето на вештините за вработување на младите е важен предуслов и фактор за нивно побрзо вклучување на пазарот на трудот, а во исто време е и во функција на постигнување на приоритетите во Акцискиот план за вработување на младите 2015 година.
Претседателот на ССМ Живко Митревски им се заблагодари на социјалните партнери - Владата, ЗЕЛС, САД и УСАИД кои, како што рече, ги поддржале и во нивната кампања посветена на потребите од формирање на локален, социјален и економски дијалог.
- Оваа тема е исклучително значајна, посебно во услови на криза која е присутна насекаде низ светот. Сметаме дека со креирањето на локалните економски и социјални политики, со вклученост на сите социјални партнери ќе им обезбедиме перспективни можности на општините. Преку социјалните партнери општините да прават анализа на пазарот на трудот, да ги утврдуваат потребите на пазарот на трудот, да го обезбедуваат социјалниот дијалог меѓу социјалните партнери и да креираат нови работни места, посебно за младите луѓе, рече Митревски.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски изјави дека општините и ЗЕЛС активно се вклучени во овој проект.
На конференцијата беа презентирани активностите на локалните економско-социјални совети во Штип, Струмица, Куманово и Прилеп и на Националниот економски и социјален совет, како и активностите на Агенцијата за вработување.
ФОТО: МИА