Богов: Растот на економијата догодина еден од повисоките во регионот и пошироко

Растот на економијата за годинава Народната банка на Република Македонија очекува да биде 3,7 проценти, а во наредната да изнесува 4,1 отсто и да биде еден од повисоките во регионот и пошироко.

Ова го истакнува гувернерот на НБРМ Димитар Богов во интервју за МИА во кое посочува дека до крајот на годинава се очекува да продолжат позитивните движења во реалниот сектор.

- Новите странски инвестиции, поголемата искористеност на капацитетите, како и фискалниот стимул преточен во инвестиции во инфраструктурата и натаму ќе бидат главните фактори за растот на домашната економија, наспроти побавното закрепнување на странската побарувачка. Во 2014 година дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања се проценува на 2,7 отсто од БДП, а во 2015 година предвидено е негово умерено проширување на 3,9 отсто од БДП, вели во Богов.

Додава дека во услови кога глобалното закрепнување и особено закрепнувањето на европската економија сè уште се смета за доста кревко, за македонската економија се очекува дека ќе оствари повторно релативно висока стапка на раст при вакво окружување, како и натамошно умерено забрзување на растот, главно воден од домашните двигатели на растот.

Според него, имајќи ги предвид структурните промени во нашата економија во последниве години, може да се каже дека постојат можности за повисок раст.

Богов оценува дека банкарскиот систем ја задржа својата стабилност и воедно, од крајот на 2013 година наваму, ја зајакнува кредитната понуда кон приватниот сектор и со тоа го поддржува економското заздравување.

- Растот на кредитите во текот на 2014 година умерено забрза, при што во октомври достигна 9,7 проценти (наспроти 6,4 отсто на крајот на 2013 година). Во овој контекст, особено треба да се нагласи постепеното забрзување на кредитирањето на претпријатијата (од 3,8 проценти на крајот на 2013 година на 7,8 отсто годишно, во октомври 2014 година), кои се носители на инвестициите и развојот во секоја економија. Растот на депозитите исто така забрза и во октомври изнесуваше 8,5 отсто. Слични стапки на кредитен и депозитен раст од околу 9 проценти очекуваме да се одржуваат и во текот на следната година, согласно подобрените согледувања на банките за ризиците и изгледите на економијата, како и стимулативното влијание на дел од мерките кои ги преземавме во претходниот период, наведува гувернерот во интервјуто за МИА .

Народната банка, потенцира,  продолжува со стратегијата на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, која, како што истакнува, се покажа како соодветна за македонската економија во изминативе речиси две децении, во различни фази од развојот на економијата и при различни внатрешни и надворешни шокови.

 

 

Оцени ја веста

25.12.2014 - 10:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега