Полицијата упадна во две куќи: Двајца приведени поради сомнение за поткуп при избори

Две лица се приведени под сомнение за изборен поткуп.

Полицијата изврши претрес во куќа во општина Чашка каде било пронајдено оружје и пари.

При првиот претрес уапсен е 52-годишник со иницијали И.И. -Денеска во 15.20 часот полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода И.И.(52) од село Мелница, општина Чашка. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело " поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Застава" со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка. И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР. Во вториот случај станува збор за 50-годишник од селото Мелница, општина Чашка.

-Исто така денеска, во 17.00 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода А.Ч.(50) од село Мелница, општина Чашка. При претрес во неговиот дом извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело "поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол ,,Валтер" со една рамка, еден пиштол „Црвена застава", еден пиштол „Бул" со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986 670 денари во разни апоени и 2 325 евра во разни апоени. А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од МВР.

06.05.2024 - 21:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега