Ристовски:Долготрајно невработените да ја искористат можноста која им се нуди со обуките
- Ги повикувам сите невработени кои се на возраст од 40 до 49 години и се изјасниле дека активно бараат работа, а кои ја одбиле поканата или се уште размислуваат за нејзино прифаќање да се одлучат и да се вклучат во можноста што им е понудена и заедно да придонесеме за зголемување на нивните вештини и знаења со што ќе се зголеми и можноста за полесен пристап до соодветното работно место, рече министерот Спиро Ристовски.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека оваа категорија невработени е избрана со оглед на тоа што, како што истакна, е без работа повеќе од 10 години, но иако е во продуктивни години, не е во можност да дојде до работно место поради тоа што најголем број од работодавачите бараат работници под 40 години.
- Со оваа обука ќе се постигне нивно самосознавање, самооценка што им е потребно. Потоа ќе се види кои работни места се соодветни за нив, доколку е потребно ќе се направи и дополнителна обука за да можат да се вработат во некоја од приватните компании, рече Поповски.
Обуките ќе траат до 23 ти мај годинава, а потоа од 14 јуни ќе започнат активни советувања. Во првата фаза ќе бидат опфатени невработените лица на возраст од 40 – 49 години, а потоа и останатите категории.