Историски ниски камати за проектот „Купи куќа купи стан“

Со поевтинувањето на станбените кредините за проектот „Купи куќа купи стан“ се разгоре конкурентската битка меѓу банките. Каматите стигнаа до историски најниско ниво, а се нудат кредити под исклучиво поволни услови. 

Банките се тркаат со атрактивни понуди, со камата до 3% во првите три години и до 7% годишна, променлива за останатиот период до отплата на кредитот. Банките за станбениот кредит повеќе не го бараат ниту надоместокот за одобрување и администрирање, и нема дополнителни трошоци за проценка на обезбедување, анализира Лидер.

Што велат бројките?

Позитивните движења во делот на кредитите за купувањенедвижности ги нотира и Народната банка во последниот квартален извештај. Заклучно со септември, на годишна основа, вкупните кредити за населението бележат раст од 12,3%. Во третиот квартал забавил растот кај потрошувачките кредити и продолжил падот кај автомобилските, но затоа се дале повеќе станбени кредити. Банките во деветте месеци од годинава им одобриле на граѓаните станбени кредити во вкупен износ од над 25 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот периодлани. Просечната каматна стапка на вкупните станбени кредити изнесувала 6,3%, што укажува дека каматите и годинава продолжиле да паѓаат.

Владиниот проект го диктира темпото

Пониските камати се и резултат на проектот „Купи куќа, купи стан“. Досега преку него се одобрени околу 400 кредити. Според пресметките, едно семејство преку овој проект може да заштеди и до 14 илјади евра за новиот дом. Каматата за првите три години изнесува 3,95%, а за четвртата и петтата 4,44%, убедливо најниска на пазарот.

„Тоа се извонредни и досега незабележани услови на нашиот пазар. Граѓаните добро реагираа, бидејќи со намалувањето на каматите се зголеми интересот за проектот“ – вели вицепремиерот Ставрески.

Државата обезбедува неповратни средства и нуди два модела: субвенционирање на половина рата или на половина учеството при купување стан или куќа.

На пример, за кредит од 50 илјади евра, месечната рата во првите три години е 302 евра, од кои 151 евро плаќаат граѓаните, а другата половина државата. Во четвртата и петтата година ратата изнесува 313 евра, сума што повторно, се дели на два. Ако се решите да купите куќа, поволностите се уште поголеми, бидејќи државата ќе ви покрие 75% од висината на ратата. На оние кои ќе се решат за вториот модел, за субвенционирано учество, државата ќе им покрие 75% од учеството. На пример, закредит од 50.000 евра, со дозволено учество од 12.500 евра, државата за стан ќе даде 6.250 евра, а за куќа 9.375 евра.

Проектот ќе продолжи и во 2015-та, а оние кои сакаат подетално да се информираат за сите поволности и можности, можат до 28-ти декември да го посетат вториот Саем посветен на проектот во ТЦ Рамстор.

Градежниците и банкарите тријат раце

Интересот на граѓаните за купување куќа или стан постојано се зголемува. Градежниците бележат и за 20% зголемена продажба.

„Се разбира дека најголем ќар од проектот „Купи куќа, купи стан“ имаат граѓаните, но и производителите на градежни материјали, изведувачите на станбени единици и градежните компании“ – вели Ванчо Чифлиганец од Адора инженеринг.

И банките велат дека интересот е зголемен, а доколку граѓаните имаат сметка вобанката преку која сакаат да учествуваат во проектот „Купи куќа, купи стан“, тогаш поволностите се поголеми, во делот на променливата каматна стапка.

Кои се бараните услови?

За учество во проектот треба да бидат исполнети неколку услови: вкупните месечни приходи на поединецот да бидат најмногу до 900 евра, или 1.300 евра за брачни другари, да не бил подигнат друг станбен кредит, да не се поседува друг стан или куќа. Притоа, станот или куќата треба да се новоградби, со сета потребна документација, а квадратот да чини најмногу до 900 евра, да  се купи директно од инвеститорот или од изведувачот, а државата финансира износ до 50.000 евра, без разлика дали ќе земете поголем кредит. Можете да аплицирате во 8 банки: НЛБ Тутунка, Стопанска банкаСкопје и Стопанска банка Битола, Шпаркасе, ТТК, ПроКредит, Алфа банка и Охридска банка, која е дел од Сосиете Женерал. Владата во неколку наврати ги подобрувашеусловите. Освен намалувањето на каматните стапки, претходно, со законски измени се овозможи добивање на субвенциониран станбен кредит и за лица кои како сосопственост имаат до половина стан или куќа, стекнати по основ на наследство. Надлежните го подигнаа и прагот на максимални месечни приходи, од 900 на 1.300 евра, за лицата кои се во брачна заедница.

Станови се градат под полна пареа!

Градежната оператива е на терен. Станови се градат под полна пареа. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, само во октомври се издадени 241 одобрение за градба, што претставува раст од 64% во однос на истиотпериод лани. Од вкупниот број одобренија, 70% се за високоградба, а предвидена еизградба на 485 станови со вкупна корисна површина од 39.498 квадратни метри. Активно е и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

„Ние во 2015-те очекуваме да продадеме околу 300 станови, а поголем дел од овие станови ќе бидат продадени преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Сметам дека ова е еден од најдобрите проекти, бидејќи е во корист на граѓаните, на оние што досега немале сопствен кров над глава. Сега им се дава можност да го решат станбеното прашање“ – вели директорот Цветко Грозданов.

 

 

Оцени ја веста

21.12.2014 - 12:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега