Сенфи: Растот на Македонија е одраз на стабилните политики

Во поглед на растот, Македонија ќе биде најдобра оваа година. Во југоисточна Европа некои економии се мачат во поглед на растот, но Македонија очигледно ќе има најмалку три проценти, а можеби и повисоко од тоа, вели во интервју за „Лидер“, заменик директорот за стратегија и политики во ЕБОР, Питер Сенфи.

За тоа што мисли за македонската економија Сенфи вели декамакедонската економија всушност во моментот стои многу добро, особено кога ќе ја споредите со другите земји во југоисточна Европа или кога ќе ја споредите со пошироката европска економија.

-Растот во првата половина од оваа година беше многу впечатлив, 3,5 до 4% проценти и доколку продолжи така, Македонија оваа година ќе биде една од најдобрите во регионот. Сметам дека тоа е одраз на многу стабилни макроекономски политики во текот на годините, како и на успехот на Македонија во привлекување на  високо квалитетни инвеститори во земјата, истакна Сенфи.

Во поглед на растот, вели тој, Македонија ќе биде најдобра оваа година.

-Во југоисточна Европа како целина некои економии се мачат во поглед на растот, кај некои изнесува под два проценти, но Македонија очигледно ќе има најмалку три проценти, а можеби и повисоко од тоа, можеби 3,4 или четири проценти. Тоа е навистина добро, кога ќе погледнете како стојат другите земји од регионот, а и еврозоната исто така, оценува Сенфи.

Тој додава дека ЕБОР претставува главен инвеститор тука и беше многу активен во Македонија.

-ЕБОР досега вложи околу 1,2 милијарди евра,  а мобилизираше уште околу милијарда евра како ко-инвестиции. Се работи за проекти реализирани и во јавниот и приватниот сектор. Повеќето наши проекти се во приватниот сектор, но ние бевме многу активни и во развојот на инфраструктурата. Токму оваа недела, нашиот одбор одобри неколку големи кредити за патишта и железничката инфраструктура. Значи како што се движиме напред во Македонија ќе се насочиме на зајакнување на регионалните врски меѓу Македонија и нејзините соседи, ќе се стремиме на поддршка на енергетскиот сектор и да и` помогнеме на Македонија да стане енергетски одржлива и да ја подобри својата енергетска ефикасност, и потоа на поширок размер да работиме упорно со локалните компании за да ја подобриме конкурентноста на Македонија, вели Сенфи.

За тоа што мисли за глобалната економија и дали е можно да има нова рецесија и нова криза Сенфи вели:

„Сметам дека не е веројатно да дојде до криза, исто така сметам дека не е веројатно да дојде до глобална рецесија, но јасно е дека постојат длабоки структурални проблеми во глобалната економија и нив ги видовме во текот на последните месеци. Сметам дека оваа година е тешка и очекувам подобрување на глобалната економија во 2015-та година и сметам дека земјите како Македонија ќе имаат корист од тоа“

18.11.2014 - 10:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега