Македонија со засилен раст - регионот живее на „апарати“

Додека останатите земји од Западен Балкан мака мачат со економијата и се соочуваат со надолни прогнози, Македонија бележи значителни стапки на раст. Македонија годинава ќе има највисок економски раст во регионот – оценуваат експертите, пишува Лидер.

Македонската економија годинава ќе оствари економски раст од 3,7%, покажуваат прогнозите на НБРМ. Од, друга страна, според прогнозите на Европската комисија, македонската економија ќе оствари раст од 3,3%, кој ќе биде втор најголем на ниво на Унијата. Есенската прогноза на Светска банка и на ММФ покажа дека земјава ќе оствари најдобар раст во споредба со државите регионот.

Според ММФ, растот за оваа година е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува 3,5%, а ќе зајакне во идната година. Економскиот раст е балансиран и го одразува зголемениот извоз и зголемената лична потрошувачка. Домашните инвестиции, пак, се поддржани со јавните инфраструктурни проекти.

Сите овие релевантни економски прогнози, покрај тоа што покажуваат дека Македонија е економски лидер во регионот, посочуваат и дека земјата успешно се справува со последиците од економската криза во Европа, за разлика од своите соседи.

Од земјите од регионот, единствено се очекува раст  од  од 3% во Косово, 2,2% во Црна Гора, 2,1% во Албанија. Од друга страна, се очекуваат негативни стапки во Србија, БиХ, Хрватска.

Најмал дефицит од 1,2 отсто од БДП има Македонија, додека во останaтите земји од регионот тој се движи од 7 проценти во БиХ, до 11,6 во Албанија и 15,2 отсто од БДП во Црна Гора.

Според прогнозите, во Македонија ќе биде изразен и растот на вработеноста благодарејќи на силното заздравување на индустријата, интензивираниот влез на странски инвестиции, но и реформите на пазарот на трудот. Единствено, покрај Македонија, и во Албанија се забележуваат позитивни стапки во вработеноста, поради напредувањето на индустријата. Сите останати земји од регионот се соочуваат со статус-кво ситуација во однос на невработеноста, која за целиот регион, претставува сериозен проблем.

Хрватска ќе банкротира во 2017-та?

Поради лошите економски перформанси, многумина ја споредуваат хрватската економија со грчката и прогнозираат иста таква судбина. Аналитичарот на хрватскиот Економски институт, Жељко Ловринчевиќ смета дека Хрватска живее на апарати.

„Хрватска живее на апарати додека цената на парите во Европа е ниска. Кога ќе заврши периодот на евтини пари во еврозоната, во втората половина на 2015-та, па се до крајот на 2016-та, може да се очекуваат првите проблеми со сервисирањето на јавниот долг, што ќе биде вовед во тивок банкрот во 2017 година“, смета Ловринчевиќ.

Хрватска, која е единствена земја членка на ЕУ од регионот на Западен Балкан, мака мачи да излезе од рецесија, а изминативе години континуирано се бори со високото ниво на јавен долг и буџетски дефицит.

Хрватска, дефинитивно има најлоша прогноза за економскиот раст од сите земји членки на Европската унија поради големата внатрешна и надворешна нерамнотежа, лошата бизнис клима и слабиот пазар на труд. Европската комисија го зголеми очекуваниот пад на економијата на Хрватска за оваа година од 0,6 отсто на 0,7 проценти од бруто домашниот производ (БДП) и предвидува раст на невработеноста од минатогодишните 17,3 проценти на 17,7 отсто.

По шест години рецесија се очекува идната година Хрватска да има слаб економски раст од 0,2 проценти. ЕК предвидува државниот долг на Хрватска на достигне 81,7 отсто од БДП годинава, 84,9 проценти во 2015 и 89 отсто од БДП во 2016 година.

Европа сеуште во проблеми

На ниво на Европската унија, пак, ситуацијата со економијата и вработувањата, не се подобрува доволно брзо. Слаб економски развој и мал раст на инфлацијата следната година, но и за наредниот период.

Растот на економијата до крајот на годинава ќе изнесува 0,8 % во еврозоната, додека забрзувањето на економската активност е околу 2%.

Економските експерти велат дека Европската унија мора да работи на три фронта- на развој на кредибилна фискална политика, развој на структурни реформи и на инвестиции.

Во 2015-та година, економското закрепнување ќе биде бавно, сметаат експертите.

17.11.2014 - 09:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега