Економски раст – Македонија се враќа на старите патеки

Раст од 3,7% ќе оствари македонската економија годинава, прогнозира Народната банка на еден месец пред крајот на 2014 година, прогноза која стана и поотимистичка на онаа на Владата пишува Лидер. 

Според НБРМ, во наредниот период ќе продолжи државниот инвестициски стимул, позитивните ефекти од СДИ, солидната кредитна поддршка и најважно, ќе продолжи закрепнувањето на пазарот на трудот. Главните ризици се екстерни и поврзани со заздравувањето на еврозоната.

„Постои голема поврзаност на нашата со европската економија, бидејќи треба да се има предвид дека таму оди 70% од нашиот извоз“ – објаснува гувернерот Богов.

НБРМ прогнозира дека растот ќе продолжи во наредните години и тоа со позасилено темпо. За 2015-та се очекува позитива од 4,1%, а за 2016-та од 4,5%, со што Македонија повторно ќе се врати на релативно високите стапки на раст кои ги остваруваше пред големата криза, кога земјава врза неколку години раст на БДП од над 5%, а пикот беше достигнат во 2007-та, кога растот изнесуваше цели 6,1%.

Македонија со најголем раст во регионот!

Македонија годинава ќе има највисок економски раст во регионот – оценуваат релевантните меѓународни финансиски институции. Есенската прогноза на Светска банка и на ММФ покажа дека нашата земја ќе испорача најдобар
резултат од државите во Западен Балкан, со раст на вкупната економија од 3,3 проценти. Ова ќе биде подобар резултат и од повеќето земји на Европската унија, што покажува дека земјава успешно плива во турболентните и посткризни времиња, во кои се уште во прогнозите се вклучени надолни ризици. Банката очекува раст од 3% во Косово, 2,2% во Црна Гора, 2,1% во Албанија, и негативни стапки во Србија, БиХ, Хрватска, земја која никако да излезе од рецесија. Слични се и очекувањата на ММФ. Македонската економија ќе расте со 3,5%.

„Растот за оваа година е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува 3,5% и незначително да зајакне во идната година. Растот е балансиран и го одразува зголемениот извоз и зголемената лична потрошувачка. Домашните инвестиции се поддржани со јавните инфраструктурни проекти“ – вели шефицата на Мисијата на ММФ во земјава, Ивана Владкова Холар.

Според економистите, клучно е политиките да се димензионираат на начин што бенефит од економскиот раст ќе почувствуваат сите граѓани.

„Јас верувам дека на среден рок е можно да постигнеме повисоки стапки, кои ќе значат подобар животен стандард на населението. Вториот аспект, кој што исто така е важен за да се почувствуваовој економски раст, е прашањето кој го конзумира тој раст, односно потребата политиките да се избалансираат на начин, економскиот раст да го почувствуваат сите слоеви на општеството“ – објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Инфраструктурните проекти ја билдаат економијата Македонската економија во првата половина од годинава порасна за над 4 проценти. Само во вториот квартал растот на БДП изнесуваше 4,3%, а како главен генератор на тој раст се покажа градежништвото со стапка на раст од фантастични 13,7%. Во земјава во тек е реализацијата на крупни инфраструктурни проекти кои повлекуваат голем ангажман на градежната оператива. Се гради железницата, автопатите, се еконструираат локални и регионални патишта. Овој инвестициски бум ќе продолжи и во наредниот период, особено ако се имаат предвид парите за капитални инвестиции во централната државна каса, во јавните претпријатија преку кои се реализираат проектите во патната инфраструктура и во енергетиката, но и ако се имаат предвид средствата кои деновиве за земјава ги одобри Бордот на директори на ЕБОР. Се работи за нови 305 милиони евра со кои ќе се комплетира втората делница од пругата кон Бугарија, но и ќе се изградат повеќе експресни патишта: Градско – Прилеп кај Дреново, Штип – Кочани и Охрид – Пештани, а автопатско решение е предвидено од Струга до Требеништа.

„Со една ваква сериозна инвестиција во патната и во железничката мрежа, на кратоок рок, ќе им дадеме силна поддршка на стопанството и на македонските фирми кои ќе бидат ангажирани на изградбата, а на долг рок, ќе се зајакне
конкурентноста на економијата и ќе се обезбедат подобри услови за граѓаните од Источна и Западна Македонија“ – смета вицепремиерот Ставрески.

Индустријата зеде залет!

Индустријата зеде залет, што повторно укажува дека проектираната стапка на економски раст е остварлива. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во септември, растот на индустриското производство изнесувал 9,1%, а кумулативно, од почетокот на годинава е остварен раст од 4,8%.

„Имаме рехабилитација на индустриското производство. Веќе можеме да кажеме дека оваа гранка ќе биде една од водечките која ќе ја креира планираната стапка на раст на БДП од 3,7 проценти“ – смета универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Самиот факт што производството расте девет месеци по ред е уште еден показател за заздравувањето на економијата.
„Сигурен сум дека со ваков раст ќе можеме да ја оствариме планираната стапка на раст на економијата од најмалку 3,5%. Растот е на широка основа во индустријата, има пораст во делот на производството во зоните, односно кај производството на делови за автомобили, но и надвор од зоните. Фактот дека девет месеци имаме позитивни стапки на раст, со солиден раст на градежништвото, на услугите и на земјоделството, е потврда дека вака поставените политики даваат резилтат“ – изјави првиот финансиер, Зоран Ставрески.

Бројките покажуваат дека Македонија е втора во Европа по растот на индустриското производство, веднаш зад Ирска, што е индикатор дека економијата е веќе застаната на здрави нозе.

16.11.2014 - 11:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега