Македонската индустрија со втор најголем раст во Европа

Македонија е втора во Европа по остварениот годишен раст на индустриското производство, покажуваат деновиве објавуваните септемвриски извештаи на статистичките организации на Европската унија и на земјите од регионот. Исто како и кај економскиот раст прогнозиран за оваа година, и кај остварената продукција на индустријата, пред нашата земја е само Ирска.  Според најновата есенска прогноза на Европската комисија по растот на БДП оваа година во Европа пред нас ќе биде само Ирска чија економија треба да скокне за 4,6%, додека за македонската е предвиден раст од 3,3%. Зад нив се останатите 27 земји на ЕУ, сите од еврозоната и сите држави од регионот кои не се членки на Унијата.  Објавените статистички податоци покажуваат ист распоред на силите на врвот во Европа и кај растот на индустриското производство. Ирска е повторно прва, со фантастичен пораст од 22,1% во септември годинава во однос на истиот месец лани, а зад неа повторно е Македонија со индустриско производство за 9,1% поголемо од ланското. Ако се изземе Ирска, која со вакви бројки по втор пат во поновата историја може да ја понесе титулата економско чудо.

Македонија е далеку пред сите земји во Унијата и регионот. Со остварен годишен индустриски скок од 7,6% во септември, до нас најблиску е Црна Гора. Оваа земја според статистичката организација Монстат годинава во септември регистрира раст на индустриското производство за прв пат по февруари. Босна и Херцеговина, пак може да се пофали со скромен напредок во индустриското производство од 1,7%, додека пак Србија е во длабок минус од цели 16 проценти. Салдото на индустријата на оваа земја за периодот јануари-септември годинава е минус 5,7%.  Од земјите во опкружувањето кои се членки на Унијата, во минус е и Бугарија, со годишен пад на индустриското производство од 0,4%. Со намалување на индустриското производство за 3,6%, Грција и во септември ја продолжи минусната серија. Хрватска, пак напредува со раст од 3,8% по минусот од 4,7% во август. Хрватите се презадоволни, зашто имаат најсилен скок на индустриското производство на месечно ниво во цела Европска унија, од минус 4,1% во август на плус 4,6% во септември. Индустриското производство во септември годинава во однос на септември лани се зголемило и во Словенија и тоа за 3,3%.

 

Европската статистичка канцеларија Евростат пресметала просечен годишен индустриски раст во 28-те земји на ЕУ и во еврозоната од по 0,6%. Дури 11 земји прокнижиле годишен пад во индустријата. Меѓу нив се Данска (-2,7%), Франција (- 0,1%), Италија (-2,9%), Шведска (-4,1%), Финска (-1,6%), Холандија (-1,8%),,, Рекордер е Малта, каде индустријата потфрлила со 7,4%. Нашиот најголем трговски партнер и земјата од која доаѓаат најголем дел од нарачките за нашата индустрија едвај се одлепила од нулата, со раст на индустриското производство од 0,1%, по падот од 2% во август.  Според Државниот завод за статистика (ДЗС) најзаслужна за високата позиција на Македонија на континентот е преработувачката индустрија која овој септември произвела за 12,9% повеќе отколку минатогодишниот. Завиден успех има и рударскиот сектор, со раст од 7,7%, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е регистрирано опаѓање од 15.9%. Најголем раст има во продукцијата на капитални производи, за цели 64.5%.  Во последните шест месеци нашата држава во континуитет бележи раст на индустриското производство кој на годишно ниво варира меѓу 1,3% и 9,7%. Најзаслужни за ваквата ситуација се фабриките во индустриските зони, кои речиси секој месец уриваат производни рекорди, а со тоа го билдаат и извозот на државата. 

13.11.2014 - 23:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега