Адеми: Владата ги потврди заложбите на националните паркови

 

„Надоместоците од влез и престој во трите национални паркови во Македонија ќе се користат за нивно унапредување и заштита“.

Ова го нагласи денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми на прес-конференција по повод донесување на одлуките за определување на висината на надоместоци за националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер.

- Со овој потег, Владата ги потврди заложбите на националните паркови за поголемо вреднување на природните богатства на Република Македонија и со тоа обезбедува средства за уште поголема нивна заштита. Се надевам дека надоместоците нема да се разберат како пречка во остварувањето на правото на посета на националните паркови, туку како личен придонес во заштита на природното богатство во Република Македонји. Одговорното однесување при престојот и понатаму ќе биде основно правило за влез во паркот, изјави Адеми.

Донесените одлуки, во согласност со позитивните законски прописи, точно ги дефинираат формите и категориите на надоместоците кои ќе треба да се плаќаат при влез во националниот парк, за престојување или за паркирање на возилата и за искористување на плодовите од шумите во националните паркови. Согласно одлуките, од плаќање на надоместоци се ослободени лицата кои имаат живеалишта на подрачјето на НП. Со ова, во областа на заштита на природата, практично се имплементира начелото „корисникот плаќа“, а собраните средства ќе се користат исклучиво за унапредување и заштита на националните паркови од кои потекнуваат.

Адеми нагласи дека надоместоците се определени на начин на кој нема да претставуваат пречка за престој на љубителите на природата во националните паркови, но преку нив симболично ќе им се укажува на посетителите дека се наоѓаат во природни простори за кои посебно се грижат соодветни служби.

На прес-конференцијата беа промовирани 7 нови професионални водичи во планина, кои по завршената обука по УИМЛА стандардите, спроведена од страна на Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина, се стекнаа со професионални лиценци.