Ставрески: Американските компании во континуитет имаат интерес за инвестирање во Македонија

Американските компании во континуитет имаат интерес за инвестирање во Република Македонија што покажува дека тоа е пазарот на кој во иднина треба да се фокусираме.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој заедно со владината делегација што ја предводи премиерот Никола Груевски се во посета на САД.

Според него, тоа го покажува и присуството на неколкуте успешни инвестиции од Америка во Република Македонија. - Би ги спомнал само Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Амфенол и други фирми кои што веќе имаат база во Република Македонија и веќе вработија луѓе и не само тоа туку задоволни од условите што ги имаат во Македонија се одлучија за изградба на втора фабрика како што е случајот со Џонсон Контролс кој што уште во 2007 година ја направи првата инвестиција, а четири до пет години подоцна во Штип каде што имаат 1.300 лица вработено, а ќе стигнат до 1.500,  изјави Ставревски.

Тој откри и дел од плановите на Кемет Електроникс, фирма која веќе инвестираше и добро работи во Македонија и која планира да ја префрли базата за услуги од Европа во Македонија.

- Кемет електроникс достигнаа околу 250 вработувања во Република Македонија, а неодамна ни соопштија дека ја префрлаат базата за услуги од Европа во Македонија што се нови 25 вработувања со можност понатаму да стигнат и до повеќе вработувања. Сето тоа покажува дека треба да останеме фокусирани на американскиот пазар, да продолжиме со бизнис форуми тука во САД и да настојуваме да донесеме нови фирми, истакна Ставревски.

Тој посочи дека постојат добри шанси врз основа на позитивните искуства на досегашните инвеститори како и врз основа на интересот кој се гледа во САД на бизнис форумите да дојде до нови американски инвестиции во државата. 

Според директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо еден од главните адути за привлекување инвеститори освен даночната политика, намалување на административните бариери и кратење на процедурите се и поволностите што се нудат во зоните. 

-Најголемиот фокус што се користи при презентирање на можностите за инвестирање во Македонија и истовремено најголем интерес од страна на странските компании побудуваат технолошко индустриско развојните зони, додавајќи дека не се само поволностите што се нудат на овие локации туку и истовремено самиот факт што таму има веќе изградена инфраструктура со што компаниите можат многу лесно и брзо да започнат со изградба на своите капацитети, рече Мизо.

Додаде дека во таа насока е и ангажманот за подобрување на можностите за инвестирање во Македонија и изнаоѓањето соодветна локација за што потврда е и наградата која  пред две недели ја добивме од страна на FDI магазинот каде што зоните во Скопје беа прогласени за најдобри зони  за големи мултинационални компании во Европа.

- Во таа награда и она што беше земено за критериум не беше само растот и бројот на компаниите кој се влезени таму туку и она што значи поддршка на веќе постоечки компании таканаречен процес на целосна грижа или поддршка на постоечките компании, изјави Виктор Мизо.

Напредокот кој го постигна Република Македонија во градењето на добра бизнис клима останува забележано и од реномирани институции. - Многу интересно и импресивно во Македонија е тоа што оваа земја започна со бели страници на кој немаше испишано ништо, пред неколку години мораше да се соочи со многу тешка економска ситуација и тие започнаа да ја испишуваат таа бела страница, одлучувајќи, следејќи ги препораките на Светската банка и другите финансиски институции,  да се фокусираат на претприемништвото и развојот на бизнисот и да привлекуваат инвеститори во државата.  Тие станаа многу отворени и почнаа да ги применуваат најдобрите практики кои можат да ги искористат. И не само да ги преземат, туку да ги спроведат во практика, вели Емануел Поликвин одговорен за следење на глобалното  индустриско производство и развој на технолошкото и услужно работење во Светската банка.

Тој е оптимист за иднината на Македонија. - Македонската влада научи многу, но ни ние научивме многу од неа и тоа не само што ќе биде корисно за државата туку тоа ќе биде добар работен прототип и за другите држави, рече Полквин од Светска банка.

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска ја продолжува економската посета на САД со бизнис форум во Лос Анџелес, кој е втор по големина град во САД и е центар на тенолошката, здравствената, телевизиска и филмска индустрија.  За време на посетата во претходните два дена владината делегација одржа бизнис форуми во двата големи економски центри во САД градовите Њујорк и Чикаго. Во САД се концетрирани најголемиот дел од светски најразвиени компании кои го генерираат економскиот раст на оваа држава, затоа САД останува средина и пазар кон која е фокусирана и Владата на Република Македонија и можноста преку активно лобирање да се привлечат инвеститори кои би го вложиле својот капитал во државата, а со цел отворање на нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните. 

06.11.2014 - 11:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега