Скопје се подготвува за булевар од 2,5 километри во Аеродром

Неодамна беше пуштен во употреба првиот дел од реконструираниот булевар „Трета македонска бригада“ во Аеродром, а градските власти веќе се подготвува за проширување на втората етапа од делницата, во која ќе се градат две нови ленти кон Тутунски комбинат.Веќе е распишан оглас за изработка на проектот што се однесува на потегот од точката од каде заврши првата фаза, а тоа е бензинската пумпа близу средното училиште „Димитар Влахов“ во Мичурин до раскрсницата кај Тутунскиот комбинат. Должината на која и овој пат ќе се работи изнесува околу 1,2 километар, пишува Дневник.

По завршување на работите ќе се добие целосно ново булеварско решение од вкупно 2,5 километри во источниот дел од градот, кое ќе овозможи брз и непречен проток на возилата од Лисиче и Аеродром кон централното подрачје. Проектот треба да даде сообраќајни решенија за две нови ленти, велосипедски патеки, тротоари, канализација и ново осветление. Огласот за изработка на проектот трае до денеска.

Првата фаза од претворањето на улицата во булевар заврши во минатиот месец. Улицата беше проширена на потегот од булеварот Србија до бензинската во Мичурин. Градежните работи се одвиваа во должина од 1,3 километар, при што сообраќајницата доби две нови ленти со целосно нова инфраструктура, особено патеки за пешаци и велосипеди.

Според Генералниот урбанистички план за Скопје, предвидено е улицата да поминува низ дворот на средното училиште „Kорчагин“ и притоа да биде експроприран и приватен објект, но завршниот проект ќе покаже дали сето тоа е потребно. 

На тој начин ќе се добие сообраќајно решение што ќе овозможи брз проток на возилата што се движат кон зелениот пазар или кон базенот, без непотребно да вртат, како што беше досега.

13.10.2014 - 10:39


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега