Косовските институции во блокада, можни нови избори

Нефункционирањето на околу 30 агенции, претпријатија и други јавни и државни институции поради неконституирањето на косовското Собрание, би можело мошне скоро Косово да го доведе до нови избори, а тоа е всушност законското појаснување, кое претседателката Атифете Јахјага ќе го употреби во случај на донесување на таква одлука, пишува денеска „Трибуна“. 

Според весникот, претседателката на Косово нема да се обрати пред Уставниот суд за давање одобрение за закажување на избори, туку ќе го искористи членот 84 од Уставот за појаснување на нивното евентуално закажување. 

Весникот, повикувајќи се на свои извори објавува дека единствена препрека за одржување нови избори е волјата на Србите од северно Косово. 

Според „Трибуна“, таму се врши испитување дали повторно би можеле да бидат одржани успешни избори и доколку резултатот биде позитивен, тогаш спроведувањето избори мошне скоро би било неизбежно. 

Јахјага вчера имаше серија консултации со лидерите на политичките партии заради надминување на политичката блокада, но постизборната коалиција Демократски сојуз на Косово-Алијанса за иднината на Косово-Иницијатива за Косово-Самоопределување од една страна и Демократската партија на Косово од друга не успеваат да ги формираат институциите.

Според весникот „Зери“, Јахјага повторно не успеала да најде формула за излегување од политичката криза. 

08.10.2014 - 13:30


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега