Адеми на регионална конференција во Тирана
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми денеска се обрати на регионалната конференција „Вештини за иднината - Југоисточна Европа и Турција“, во организација на Европската фондација за обука во Тирана, соопшти МОН.
Адеми истакна дека човечките ресурси со вештини потребни на среднорочен и долгорочен план се во основата на петте приоритети на Владата на Република Македонија за развој на општество базирано на знаење, кои вклучуваат зголемување на економскиот раст и на вработеноста, поквалитетен живот, интеграција во Европската унија, одржување добри меѓуетнички односи, како и инвестирање во образованието, иновациите и информатичката технологија.
- Денешната Конференција на високо ниво ни овозможува да размениме погледи и да ги споделиме искуствата од двегодишниот процес на соработка во развојот на визии за потребните вештини на долгорочен план и да разговараме за користењето на резултатите од проектот во прилагодувањето и унапредувањето на политиките за развој на човечки ресурси, рече министерот Адеми.
Со ФРАМЕ проектот, истакна Адеми, првпат се примени пристапот за предвидување, кој овозможи партиципаторен пристап во формулирањето на визијата за вештини 2020, преглед на институционалната поставеност и развој на систем за мониторинг на имплементацијата на Визијата на вештини 2020.
- Како резултат од овие активности, денес Република Македонија има Преглед на комплексната институционална поставеност, меѓуинституционална поврзаност и испреплетеност на чинителите одговорни за развој и имплементација на политики за развој на човечки ресурси. Прегледот содржи препораки за унапредување на системот со цел зголемена ефикасност и ефективност во развојот на човечките ресурси, напомена министерот, додавајќи дека Прегледот претставува водилка за националните мерки и активности што ќе се преземат како одговор на предизвиците за подобрување на институционалната поставеност на системот.
- ФРАМЕ проектот даде непроценлив придонес за развој, имплементација и мониторинг на кохерентни политики за развој на човечките ресурси. Најголем предизвик на национален и на регионалне план е предизвикот за воспоставување доверливи и добро опремени со ресурси системи за предвидување на потребите од вештини. Системите треба да се базираат на добро координирани институционални мрежи, што ќе овозможи обезбедување квалитетни податоци за планирање, имплементација и мониторинг на политиките за развој на човечките ресурси, рече во своето обраќање министерот Адеми.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа