Мицкоски за извештајот на ЕУ: Нема да кажам дека за два месеци сме направиле чуда
Денес премиерот го доби извештајот на Европската Комисија кој се однесува на изминатата една година поточно за периодот септември 2023 и септември 2024. Опфатени се практично три влади, една политичка влада, една техничка влада и една влада која беше избрана на 23 јуни оваа година.
„Мора човек реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. Нема да кажувам дека со само два месеци кои се опфатени во извештајот дека сме направиле чуда.
И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата“, изјави на денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.
„Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди.
Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај.
Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација“, додава премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа