Ревија на европски филмови во НУ Центар за култура-Битола
Националната установа Центар за култура-Битола од денеска до 10 октомври во сопственото 3-Д кино, организира ревија на европски филмови кои биле наградувани или учествувале во официјална конкуренција на фестивалите во Кан, Венеција, Берлин, Торонто, Токио или Њујорк.
На годинашната ревија на европски филмови ќе бидат емитувани филмови од Норвешка, Шведска, Австрија, Франција, Швајцарија и Германија, посочи Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
- Кино репертоарот на Центар за култура-Битола за својата публика редовно ги обезбедува и емитува светските филмски хитови или т.н. холивудски блокбастери, но исто така соодветно внимание посветуваме на авторскиот филм на европската кинематографија. Годинава на манифестацијата „Ревија на европски филмови“ ќе бидат емитувани филмови кои биле наградувани во текот на 2013 и 2014 година или биле во официјална конкуренција за награди на големите филмски фестивали како што се Кан, Венеција, Берлин, Торонто, Токио или Њујорк. Станува збор за филмови на водечки европски режисери, големи имиња со кои воедно го одбележуваме малиот јубилеј - една година од отворањето на нашето 3-Д кино, истакна Димитровски.
Ревијата на европски филмови вечер почнува со норвешкиот филм „По ред на исчезнување“ во режија на Ханс Петер Моланд, а ќе заврши на 10 октомври со филмот „Облаците на Силс Марија“ во кој настапува Жулиет Бинош, светски познатата актерка која неодамна престојуваше во Битола на ИФФК „Браќа Манаки“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа