Иванов: ДУИ треба да одговори зошто нема член во Советот за безбедност
Македонија беше единствена пријавена земја од регионот на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации и затоа јас ја искористив можноста да зборувам за сите предизвици со кои се соочува Балканот кој е изолиран од картата на ЕУ и членството во НАТО. Тоа беше единствената можност каде што можеше јасно и гласно да се каже дека Советот за безбедност мора да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата која е во корист на Македонија за името, бидејќи Советот е основач на тој Суд, изјави претседателот Ѓорге Иванов во вчерашното интервју за Дневникот на телевизија Сител.
Иванов рече дека главната тема од Генералното Собрание на ОН се наметнала и како тема на седницата на Советот за безбедност на Република Македонија, бидејќи целиот свет презема мерки за заштита од радикалниот ислам.
- Не треба да останеме слепи на случувањата во регионот и во Сирија. Мора да бидеме подготвени да се справивме со таа опасност, бидејќи гледате што им се случува на тие луѓе таму. Мора да имаме подготвени мерки за ресоцијализација на сите повратници од борбените зони, бидејќи тие се закана за мирот и безбедноста на било која држава во светот, изјави Иванов.
За неучеството на ДУИ во националниот Совет за безбедност, тој напомена дека оваа партија треба да даде одговор на јавноста зошто цели пет месеци не пријавиле никаков интерес да делегираат свој човек во Советот за безбедност.
- Имаа доволно време да размислат и да решат, не сторија ништо, така што тие треба да дадат одговор на јавноста зошто немаат свој член, изјави Иванов, кој смета дека Флора Кадриу од ДПА ги исполнува сите неопходни услови, почнувајќи од безбедносни сертификати, образование, политичко искуство и етничка припадност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа