Битолскиот театар ќе гостува во Русија и Кина
Валентин Светозарев соопшти дека ансамблот на Народниот театар-Битола ќе гостува во Русија и во Кина и најави нова театарска претстава која ќе се одигра на 14 ноември, на денот кога битолскиот театар ќе слави 70 години постоење.
На денешната прес-конференција во Битола, Светозарев посочи дека во Русија ќе биде прикажана претставата „Иванов“ додека во Кина ќе се одигра претставата „Хенри Шести“.
Првото гостување е во Ростов на Дон каде што на тамошниот интернационален театарски фестивал ќе ја одиграме претставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов, а во режија на Александр Баргман.
Освен нашиот, во Ростов на Дон ќе учествуваат уште десеттина други театри од исто толку држави, но она што е значајно е податокот дека нашиот настап е високо медиумски афирмиран пред се заради нашиот актер Огнен Дранговски со нагласка дека играл на „Глоб Театар“ и се смета за актерска ѕвезда на тој фестивал.
Веднаш потоа, на покана на Националниот театар од Пекинг, од 15 до 21 октомври ќе престојуваме во Кина каде ќе настапиме на Националниот фестивал за драмски класици и каде во два термини ќе ја одиграме претставата „Хенри Шести“, истакна Светозарев.
Во пресрет на големиот јубилеј 70 години од денот на формирањето, НУ Народен театар-Битола почна со подготовките на новата театарска претстава со работен наслов „Прогледување“ од Венко Андоновски, што е прво негово дело кое ќе биде одиграно на сцената на овој театар, беше истакнато на денешната прес конференција во Битола.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа