Почнува обуката на новата класа пилоти
Во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Јолевски и Гордана Јанкулоска денеска ќе се обратат по повод почетокот на обуката на новата генерација слушатели од родот авијација.
Обуката се состои од елементарна обука на авионот ЗЛИН-242Л, при што кадетите ќе се здобијат со основните знаења и вештини од воздухопловството и користењето на воздухопловната техника. Понатаму следува и обуката на хеликоптер Белл-206, поделена во две фази, основно летање каде кадетите ќе научат да управуваат со леталото и да извршуваат основни мисии, и напредно летање, каде кадетите се здобиваат со вештини кои овозможуваат користење на хеликоптерот до крајните негови можности.
Во тек на целиот курс летачката обука е пропратена со многу теоретски предмети кои претставуваат основа на која се надградуваат сите практични знаења. Во рамки на обуката се користат и два симулатори за Ми-8/17 и Ми-24 од најновата генерација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа