Голема хуманитарна акција за Домот „11 Октомври“- децата ќе добијат стаклена градина
Овогодинешниот патронен празник на Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври” ќе биде навистина посебен. Во следните десет дена, сите физички и правни лица, ќе имаат можност да донираат средства за изградба на ботаничката градина во дворот на домот. Проектот, кој би требал да воведе новина за децата од Домот и нова содржина за развој на нивните способности и вештини, е долгорочен проект кој ќе биде од големо значење за децата.
-По повод патрониот празник на Домот, ни претставува задоволство што, конечно, почнуваме кампања за реализација на нашата желба, децата да добијат модерна ботаничка градина каде ќе можат да одгледуваат овошје и зеленчук кој самите ќе го посадат. Ова е убав начин да го научат целиот процес на нивно растење, а воедно и да се одговорни– да се грижат за нешто што самите го посадиле. Затоа, апелираме до ситеправни и физички лица да се вклучат во кампањата, како би можеле оваа наша дамнешна желба, да ја реализираме, изјави Ристенка Атанасовска, Директор на Домот „11 Октомври”.
Министерството за труд и социјална политика е првата државна институција која ја поддржа кампањата.
-Веруваме дека ова е одлична прилика, сите оние кои се во можност, да донираат за изградба на стаклената градина за децата од Домот „11 Октомври”. Министерството за труд и социјална политика ја поддржува оваа акција, која покрај општествено одговорниот карактер кој компаниите и физичките лица ќе можат да го демонстрираат, ќе донесе и многу насмевки од овие деца, кои се навистина бесценети, изјави Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика.
Целата активност ќе заврши на 10-ти Октомври, кога на голема „grill забава” подготвена со многу љубов од децата, ќе бидат додеделни благодарници за сите учесници во истата, како на медиумите за својата подршка, така и за сите донатори. Истата ќе се одржи во дворот на Домот, токму на локацијата предвидена за изградба на градината.
Кампањата за донирање за стаклена градина во Домот „11 Октомври” е поддржанa од МПМ Македонија, како главен медиумски покровител, а реализирана од Идеа Лаб, агенција за односи со јавност и креативни решенија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа