Преку проектите и реформите во правосудниот систем до поголема заштита на правата на граѓаните
Во изминатите 100 дена од функционирањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ континуирано се работеше на реализација и подготовка на голем број проекти и реформи од сферата на правото и правосудниот систем со цел потранспарентно, поефикасно и независно судство и зајакнување на судскиот систем во Република Македонија, истакна Билјана Бришкоска Бошковска на денешната прес-конференција.
Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Овие реформи се директно насочени кон обезбедување на побрза постапка во судовите во Република Македонија и поголема заштита на правата на граѓаните. Реформите во судството кои ги превзема владата предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе придонесат кон приближување на нашиот систем со оној на земјите од Европската унија и хармонизација на нашето право со европската легислатива.
Согласно ветеното, во областа на заштитата на човековите права реализирани се неколку проекти. Подобрен е системот на извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, преку измени на Законот за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Редовно и континуирано се објавуваат преводи на пресуди на Европскиот суд на интернет страницата на Министерството за правда и Академија за судии и јавни обвинители, а пуштена во употреба е и Датабаза на судската пракса на овој суд во рамките на која пресудите, кратки прикази на предметите и стручни коментари се достапни. Во фаза на донесување се и измените на Деловникот за работа на Владата на Република Македонија во насока на проверка на усогласеноста на домашните законски прописи со европската конвенција за човекови права и слободи.
Во тек се проекти од повеќе области на правото и правосудниот систем.
Во областа на граѓанското право, се подготвуваат измени на Законот за парнична постапка преку кои ќе се овозможи директно испрашување на сведоците во судската постапка и пристап до сите документи и информации кои се и индиректно поврзани со судската постапка, а се разгледува и можноста за намалување на бројот на процедурите во текот на водење судска постапка/спор. На овие нормативни интервенции веќе работи работна група, направени се првични анализи на најдобрите практики од земјите од ОЕЦД.
Во насока на унапредување на состојбите во сферата на извршувањето и нотаријатот во фаза на изработка се нови текстови на Законот за извршување и Законот за нотаријат.
Започнати се активности за развој на медијацијата, формиран е Одборот за медијација, а Судскиот совет на Република Македонија започна со активности за обезбедување на соодветен простор во судовите за одржување на медијација.
Во областа пак на казненото право, изготвена е работна верзија на нов закон за јавното обвинителство, која е во фаза на меѓуресорска консултација. За зајакнување на капацитетите на обвинителствата, во тек е реализација на ИПА 2009 Проектот “Набавка на специјализирана опрема за истражните центри на јавните обвинителства” во рамките на кој е инсталирана целовкупна опрема за Аудио - визуелно снимање (од сослушувањата на обвинетите/сведоците во рамките на истражната постапка) за 19 јавни обвинителства.
Воспоставен е Систем за управување со предмети во Јавните Обвинителства за едноставно управување со кривичните предмети и следење на статусот на секој предмет, додека во рамки на ИПА 2010 Проектот “Набавка на опрема за правосудните институции (ССРМ, Врхвоен суд, судови, АСЈО, СЈО)” е предвидено да се обезбеди хардвер, софтвер и друга опрема за јавните обвинителства, и да се воспостави интерконекција на ИКТ системот на јавното обвинителство со судовите.
Преземаме и активности за натамошно зајакнување на судовите и судскиот систем. Се работи на системско подобрување на алатките за пребарување на пресудите на веб - страниците на судовите во рамките на судскиот информатички систем АКМИС, како и надоградба на овој систем со воведување на нови алатки кои ќе овозможат следење на постапувањето на судиите и судските службеници во законските рокови. Во тек се процесите на електронската достава и аудио-видео снимања на рочиштата во сите судови низ Република Македонија, за чија целосна имплементација побарани се средства преку ИПА 2 во рамки на Акциско проектно фише за 2014, кое е доставено до Европската комисија на одобрување.
Подготвени се предлог измени на Законот за судски такси, во насока на намалување на висината на судските такси за 15% за физички лица кои доставата на поднесоците до суд ќе ја извршат по електронски пат. За реализирање на определбата на Владата за транспарентен, ефикасен и независен правосуден систем за изготвување на измени на Законот за судови, Законот за судски совет, Законот за Академија на судии и јавни обвинители и изготвување на нов текст на Закон за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за дисциплинска одговорност на судии.
Во Затворскиот систем, започната е првата фаза на изградбата на новите објекти во КПД Идризово, со што ќе се опфати изградена површина од 43.000 метри квадратни, а сегашниот капацитет од 900 места ќе се зголеми за 1.637 лица.
Веќе е во тек изградба на комплетно нов воспитно-поправен дом Тетово со површина од 2.640 метри квадратни со капацитет за 84 малолетни лица. Во насока на изградба на нови објекти во Затворот Скопје со површина од 12.235 метри квадратни и капацитет од 750 осудени и притворени лица, проектната документација за изградба и реконструкција е изработена и ревидирана, и до крајот на годината ќе започне градбата на објектите. Со цел воспоставување на пробациска служба во Република Македонија, се очекува почеток на ИПА 2010 Проектот “Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативни мерки“. За оваа цел ќе биде донесен Закон за пробација, како и набавени електронски алки и опрема за електронско следење на сторители на кривични дела на кој ќе им биде изречена казна куќен затвор или мерка куќен притвор. Во рамките на ИПА Проектот 2009 “Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица”, со поддршка на меѓународни консултанти, изработена е Драфт - Национална Стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Република Македонија и во тек е финализирање на истата.
Од останатите проекти кои се во тек, би истакнале дека Министерството ќе започне со организирање на електронско полагање на испитите за кои е надлежно, започнувајќи со правосудниот испит во декемвриската сесија, а потоа и испитите за вештачење, медијација и извршување. Ќе ги олесниме пристапот до бесплатна правна помош, за што започнати се активности за обезбедување странска експертска помош.
На полето на борбата против корупција. Започнат е ТВИНИНГ ИПА 2010 проект „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“ кој ќе се спроведува во периодот 2014– 2016 година со партнер Република Германија. Во многу напредна фаза е проектот - електронски матичен регистар во Република Македонија, чија целосна реализација е предвидена во мај 2015 година и со кој матичните книги ќе бидат водени во електронска форма. Во собраниска процедура е нов Закон за прекршоци, со кој се воведува поголема правичност во изрекувањето на прекршочните санкции, на начин што висината на прекршочните санкции се утврдува врз основа на вкупен приход остварен во претходната фискална година, просечниот број на вработени врз основа на состојбата на крајот на месецот, за месецот во кој е сторен прекршокот и претходно поведение на сторителот.
Правото и правниот систем во една држава е огромно поле за работа. Пред нас стојат уште многу предизвици со кои треба да се зафатиме и на кои веќе работиме се со цел да изградиме што подобар правосуден систем кој ќе ги гарантира правата на граѓаните, пофункционални судови и владеење на правото и правната држава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа