Министерството за култура објави конкурс за откуп на драмски текстови
Министерството за култура денеска на својата веб-страница и во печатените медиуми објави Конкурс за откуп на драмски текстови за да се збогати продукцијата на драмски дела од македонски автори. Конкурсот е стимулативна мерка за зголемување на драмското творештвото што ќе соодветствува на реалните потреби на македонската театарска сцена и ќе ги промовира домашните драмски автори.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција соопшти дека конкурсот е отворен до 31 јануари 2015 година за сите автори-државјани на Република Македонија.
- Конкурсот е особено важен и за младите талентирани автори кои ќе имаат можност да се афирмираат преку откупените драмски текстови кои ќе ја доживеат својата премиера на сцените на македонските театри, а уверена сум дека многу од нив ќе бидат презентирани и во театрите во регионот и пошироко, рече Канческа-Милевска.
Секој автор ќе има право да конкурира со по еден оригинален драмски текст пишуван на македонски јазик, кој не е претходно изведуван ниту публикуван. Пристигнатите апликации ќе ги оценува стручна комисија која ќе избере најмногу три драмски текстови од пријавените на конкурсот. Избраните потоа ќе бидат објавени во печатено издание и така ќе бидат достапни до сите заинтересирани театарски установи, продуценти, режисери и уметници кои понатаму би го поставиле делото. За откуп на авторските права Министерството за култира на авторите ќе им додели авторски надомест во нето-износ од 100.000 денари.
Текстови на конкурс беа избрани за отворањето на новиот објект на МНТ (Вечна куќа) и за велешкиот театар (Најважната работа на светот) со која до крајот на годинава ќе почне работата на новиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
Канческа-Милевска додаде дека драмското творештво се поддржува и преку Годишната програма, а во насока на унапредување на дејноста е и изградбата на нови театарски згради и техничкото опремување.
Претседателката на Комисијата за драмска дејност во Министерството за култура проф. д-р Јелена Лужина рече дека и денес е актуелна формулацијата од пред два и пол века дека нема национaлен театар без национална драма. Додаде дека не е безначајна македонската драматика зашто од текстовите на Џинот до денес се евидентирани нешто помалку од 1500 оригинални драмски текстови.
- Тоа не е безначајна продукција. Вредно е да се потсетуваме на неа и некој од тие текстови да ги имаме на репертоар. Но, уште поважно е да стимулираме млади луѓе да пишуваат оригинална авторска драматика, да ги видиме тие текстови праизведени на нашите сцени во овој миг, кога имаме се подобри театари, режисери и услови за работа и се покреативни актерски потенцијали од сите генерации, истакна Лужина.
Театарите не се обврзани да изведат некој награден текст, но се очекува самите да бидат заинтересирани затоа што се добиваат повеќе поени за поддршка од Годишната програма на Министерството за култура доколку театарот поставува домашен текст. Авторите чии текстови нема да бидат избрани на конкурсот може сами да им ги понудат на театрите.
Иницијативата со која се стимулира македонското драмско творештво ја поздравија директорите на Македонскиот народен театар, Драмски театар-Скопје, Турски театар, Албански театар и Театар Комедија кои на прес-конференцијата, меѓу другото, посочија дека се залагаат за што повеќе дела од домашни автори на нивните репертоари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа