Меморандум за соработка потпишаа ДУТ и Министерството за животна средина

 

Меморандум за соработка во името на Државниот универзитет во Тетово и Министерството за животна средина и просторно планирање денеска потпишаа ректорот Вулнет Амети и министерот Нурхан Изаири.

Според ректорот Амети, ДУТ веќе докажал дека нуди сериозна соработка со регионалните и меѓународните образовни и научни институции, но им посветува потребно внимание и на институциите во Република Македонија.

- Овој договор е исклучително важен и како таков ги активира нашите кадровски капацитети за продлабочување и остварување на нашата соработка во одредени области кои се доста корисни за студентите и академскиот кадар. Се договоривме да се преземат  чекори за практично спроведување повеќе предвидени активности како што се организирање заеднички активности, семинари, конференции, работилници и слично, ангажирање на експертите од ДУТ што ќе му помогнат на министерството во подготовката на документацијата за нивни потреби, како и вклучување на академски кадар за евалуирање на разни проекти кои ќе се спроведуваат во рамки на министерството и други проекти од заемен интерес, изјави ректорот Амети.

За министерот Изаири меморандумот ќе придонесе и за подобро разменување релеванти информации од заеднички интерес.

- Развојот и унапредувањето на партнерски односи помеѓу двете институции треба да биде особено видлив во соработката за изработка на заеднички стратегии и проекти за заштита на животната средина со цел создавање на одржлива животна средина на еколошки однос, рече министерот Изаири.

Во однос на состојбите со загадувањата пред се во градските средини, министерот Изаири најави дека следните денови ќе бидат претставени иновативни елементи што ќе се надоградуваат на возилата за намалување на загадувањето на воздухот.

За состојбите со исполнувањето на еколошките стандарди во „Југором“ од Јегуновце, министерот Изаири рече дека од посочената фирма не е постапено по препораките на Министерството и Владата во поглед на исполнување на барањата за заштита на животната средина, но и оти по 1 номеври ќе бидата преземени соодветни законски мерки согласно состојбата на теренот. 

30.09.2014 - 11:46

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега