Николовски на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Шефот на делегацијата на Собранието на Република Македонија, пратеникот Александар Николоски учествува на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува од 29 септември до 3-ти октомври во Стразбур, Република Франција.
На сесијата, како што се наведува во денешното соопштение од македонското Собрание, ќе се расправа за Извештајот за претседателските избори во Турција, борбата против манифестациите на неонацизам, правата на жените во евро-медитеранската соработка, доброто владеење и зголемениот квалитет на образованието, подигање на статусот на стручното образование и обука, активностите на Организацијата за економска соработка и развој, функционирањето и демократските институции во Грузија, прогресот на постапката за мониторинг на Парламентарното собрание, активностите на Европската банка за реконструкција и развој, одбележување на обврските од членството на Албанија и алтернативите за притворањето на децата при емиграција.
Во соопштението се наведува дека од особено значење е точката за реформа на мониторинг постапката, по чиешто усвојување ќе се воведе мониторинг над сите земји-членки на Советот на Европа. Оваа реформа е дел од залагањата на Александар Николоски, како потпретседател на Комитетот за мониторинг и како член на ад-хок Комисијата за реформа на мониторинг процесот.
Како итни прашања на дневниот ред се и кризата во Украина и заканите од Исламската Држава. Свое обраќање на сесијата ќе има министерот за надворешни работи на Азербеџан, Елмар Мамадјаров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа