Штип: Се поставуваат блокатори на возилата за кои не е платен паркинг
Jавното претпријатие „Стипион“ од Штип од денеска почна да поставува блокатори на автомобилите, чии сопственици не платиле паркинг во централното градско подрачје.
Директорот на „Стипион“, Тони Јовев изјави дека мора да се почитува правилникот за паркирање и оти во функција се 12 блокатори за автомобили.
- Сметаме дека со ова ќе се среди хаосот со паркирањето. За деблокирање цената е 700 денари. Во почетокот ќе видиме како ќе се применува, повеќе ќе биде педагошки, но потоа граѓаните ќе треба да научат дека навистина ќе се применува правилникот, посочи Јовев.
Тој додава дека од Нова година ќе почнат и со наплата на паркинг просторот со СМС пораки преку мобилните телефони. Веќе се разгледува на кој начин ќе се реализира оваа новина.
По 29 дена од стартот на наплатата на паркингот во центарот на Штип, 205 граѓани имаат месечни билети со повластени цени, бидејќи живеат на улиците каде што се наплаќа, шест фирми имаат резевирани паркинзи, а 80 лица кои работат во фирмите исто така обезбедиле месечни или годишни билети. Дневниот промет од паркинг местата во Штип изнесува од 15 до 18 илјади денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа