Општина Новаци ќе одбележува еден век од Првата светска војна

 

Општина Новаци во соработка со амбасади во Република Македонија почна со изработка на програма за одбележување на 100-годишнината од Првата светска војна.

По неодамнешната средба со амбасадорката на Република Франција во Република Македонија, Лоранс Оер, викендов градоначалникот Лазар Котевски се сретна со српскиот конзул Силјан Мицевски со кого исто така разговарале за одбележувањето на еден век од Првата светска војна, која оставила посебни траги на територијата на општина Новаци.

- Сите заедно можеме да дадеме посебен придонес во заштитата на богатото културно-историско наследство од Првата светска војна. На територијата на нашата општина, на Кајмакчалан се наоѓа спомен костурница до која за жал сеуште нема пристапен пат и тој може да се изгради во соработка со српскиот конзулат. Но, т.н. меморијален туризам може да се развива и низ други форми за што неодамна разговаравме и со француската амбасадорка Оер, која е заинтересирана за обнова на спомен плочата на францускиот војник Марсел Дорфен во мариовското село Груниште, истакна Котевски.

За одбележување и потсетување на првиот планетарен конфликт или еден век од Првата светска војна, општина Новаци почна изработка на програма која ќе биде поддржана од неколку амбасади во Република Македонија, потврди градоначалникот Лазар Котевски.

29.09.2014 - 12:25

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега