Девојче сум откако знам за себе - исповед на кочанчанецот Дарко кој го промени полот и стана Клаудија

 

Дарко Kрстев, триесет и тригодишен студент на Машински факултет во Скопје, е првиот Македонец што храбро реши да ја сподели својата среќа со јавноста, откако по повеќегодишно хормонално лекување, конечно на 31 мај годинава во една клиника во Белград стана жена, пишува Дневник.

Дарко сега се вика Kлаудија и вели дека конечно е спокоен во своето тело. Цел живот бил девојче заробен во машко тело, и покрај тоа што судбината не била многу нежна со него, вели дека конечно сите негови воздишки, модринки и ќотек што го добил оти бил различен сега веќе не го болат.

- Мојот живот не беше розов, иако сум девојче откако знам за себе, кое по игра на природата заталкало во машко тело. Паметам дека уште како три-четири годишно дете, кога ќе се видев на огледало, се плашев од себе, па ставав на главата разни шалови и крпи за да изгледа дека имам долга коса. Тогаш не знаев зошто е така, моите домашни се правеа дека не забележуваат, па јас си терав по свое. Облекував чевли на високи потпетици, многу сакав фустанчиња. Уште како дете им реков на родителите дека јас сум девојче, така и се однесував, дури мојата, сега покојна, мајка ме викаше Даринче – вели Kлаудија, која деновиве има уште една битка.

Со месеци, и покрај сите легални документи дека сега е жена, не може да извади патна исправа и лична карта со ново име и пол. Таа вели дека не е се до администрацијата, туку и до менталитетот и културата на луѓето.

Kлаудија вели дека еднаш ќе мора да научиме дека светот се менува и оти промена на пол веќе не смее да биде табу.

- По потекло сум од Kочани, таму одев на училиште. Спомените за моето детство се ужасни. Другарчињата од училиште ме задеваа, навредуваа, оти бев феминизирана. Kога пораснав, ме тепаа, онака без причина, ги нервираше моето одење или моето движење на рацете. Но јас, многу, многу се трудев да скријам дека сум девојче, се преправав дека имам подлабок глас, не мавтав со рацете. Правев се да се вклопам и многу се трудев да не сум трн в око. Сакав за мене да мислат дека сум маж, но по сите ќотеци, пукнати аркади, клоци и тупаници се предадов, решив да бидам тоа што сум, секако јадев ќотек. Се уште им ги паметат лицата на тие што ме тепаа. Монструми – вели Kлаудија.

Подоцна со семејството се преселил во Скопје, избегале од Kочани, оти, како што вели, средината, едноставно, ги одбила. Вели дека во Скопје се чувствува добредојдена, сретнала и други луѓе транссекусалци. Добила нови искуства.

- Се запишав на Машински факултет и имам само уште еден испит да дипломирам. Ќе го сторам тоа многу скоро. Факултетот го одбрав затоа што добро ми оди математика, но секако не е професија што ја посакувам – објаснува Kлаудија.

Целиот текст прочитајте го тука.

20.09.2014 - 21:32


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега