Груевски: Петте турски инвестиции се вредни 23 милиони евра и ќе вработат 700 лица
Роуд шоуата кои македонската владина делегација ги спроведе во Турција, за премиерот Никола Груевски се едни од поуспешните со прилично брзи резултати.
Тој посочи дека освен презентации во пет града, тие одржале и поединечни разговори и средби во сите градови со најмалку 10 до 15 компании кои изразила интерес за поединечни разговори во детали за нивните бизниси.
Како што рече Груевски, тие се интересирале за тоа што се произведува во Македонија, каква сировина има и слично.
-Пет турски компании веќе објавија дека ќе инвестираат во Македонија. Една од нив е од областа на земјоделските производи, односно изградба на земјоделско-дистрибутивен центар. Втората е за изработка на пластика, трета за мермерни производи, едната е за различни видови на амбалажи и петтата фабрика за медицинска опрема. Освен оваа, другите за првпат објавија инвестиции во Македонија, а фабриката за медицинска опрема сега само го кажа месецот во кој ќе инвестира, а тоа е месец октомври, истакна Груевски.
Како што истакна претседателот на македонската влада, освен овие пет инвеститори голем број на други компании во разговорите влеале голема надеж дека брзо ќе донесат и објават инвестиции во Македонија.
-Само овие пет коишто веќе ги објавија инвестициите би вработиле минимум 700 лица и би имале почетна инвестиција од 23 милиони евра. Ако и останатите реализираат инвестиции, тоа неколкукратно ќе се зголеми. Ќе стане збор за неколку илјади вработувања и за десетици милиони евра инвестиција, истакна Груевски.
Премиерот истакна дека претставници на македонската влада и економските промотори во Турција продолжуваат да соработуваат со заинтересираните инвеститори од компаниите кои се најблиску до носење на финална одлука за инвестирање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа