Нормализација на состојбата во Хрватска и БиХ по невремето

Нивото на водата на реката Драва во Хрватска се намали за 15 сантиметри, додека водостојот на Мура стагнира, па во текот на денов се очекува водениот бран да мине без последици.

Во прилог на стабилизацијата на ситуацијата зборува и фактот дека во загрозените подрачја во шест општини долж Драва, се нормализира наставата во училиштата, но локалното население се уште е на терен и ја следи состојбата со цел да се реагира доколку биде потребно.

Водостојот на реката Сава кон Јасеновац е во благо опаѓање и стагнација и не се очекува загрозување на подрачјето во Вуковарско-сремската Жупанија, кое во мај беше погодено од поплавите.

Сега се очекуваат мерки за санирање, а според извештајот на Државната управа за заштита и спасување, на територијата на Меѓумурската Жупанија се пријавени околу 5.150 помали материјални штети. Најмногу поплавени домови има на подрачјето на Сисачко-мославачката Жупанија.

Во Република Српска, реката Сава и денеска е во благ пораст, а припадниците на Цивилната заштита редовно ги следат случувањата на теренот.

На подрачјето на Градишка засега нема загрозени објекти. Во општините Приједор, Нови Град и Костајница нивото на водата во реките е под загрижувачката граница од поплави, а состојбата е нормализирана, по што ќе продолжи испумпување на водата, дезинфекција и чистење на објектите.

17.09.2014 - 18:27


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега