Косово: Уапсени 15 лица осомничени за тероризам

Косовската полиција уапси изутрината 15 лица осомничени за кривично дело „уривање на уставниот поредок и безбедност на Косово“.

Во соопштението на полицијата се наведува дека апсењата се резултат на повеќемесечна оперативна истрага во соработка со косовското обвинителство.

Во текот на полициската операција претресени се 16 локации на кои се уапсени осомничените и конфискуван е материјал поврзан со кривичното дело, вклучувајќи електронски апарати, кои ќе послужат како доказен материјал.

Полициската акција е спроведена во Приштина, Призрен, Косовска Митровица, Гњилане, Урошевац и Пеќ. 

Претходно, дописникот на МИА од Приштина соопшти дека во акцијата е уапсен имамот на големата џамијата во Приштина, Шефкет Красниќи, но и лидерот на партијата ЛИСБА, Фуад Рамиќ.

Во акцијата која е реализирана и во други градови во Косово, уапсени се и имамите Екрем Авдиу од џамијата во населбата „Тавник“ во Косовска Митровица и член на исламската верска зедница на Косово, Енис Рама, имам во „Иса бег“ џамијата во Косовска Митровица и главен уредник во телевизијата “Peace TV’ на албански јазик  и Енес Гега, имам на џамијата во Пеќ.

Уапсени се по сомнение за поттикнување верска омраза и исламски екстремизам, регрутирање и испраќање млади Косовци на боиштата во Сирија и Ирак.

Имамот на големата џамија во Приштина, Красниќи, беше притворен и на почетокот на месецов но по неколкучасовно испрашување беше ослободен. 

17.09.2014 - 14:02


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега