Димовски за РСМ : Не се плашиме од опозициските институции кои ги најавува Заев

Власта не се плаши од формирањето на опозициски институции кои ќе бидат пандан на државните.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска беше гостин во политичкиот магазин “Кворум” на Радио Слободна Македонија, ги повикува опозиционерите да размислат за своите чекори. Се надева дека ќе надвалдее разумот и оти тие ќе се вратат во Парламентот за заеднички да дискутираат, како што вели, за значајните прашања за државата.

-Не се плашиме! Начинот на кој почнаа да ги работат своите опозициски работи со едно 4-5 месечно задоцнување после изборите, не ветува ништо. Всушност, тие направија прекрстување на функциите кои што и досега ги имаа во СДСМ. Сега Радмила Шекеринска не била само заменик-претседател на СДСМ, туку и била извршен директор на некој оддел. Оливер Спасовски не бил само генерален секретар на СДСМ, туку бил и извршен директор на некој одреден сегмент. Значи, станува збор за една ПР манипулација со јавноста која очигледно нема многу содржина. Напротив, јас би сакал да кажам дека штетно е за Република Македонија тоа што опозицијата нема капацитет да ја следи динамиката и да ги следи активностите на владејачкото мнозинство и на Владата, рече Димовски.

Тој потенцира дека ако опозицијата имаше капацитет, дебатата ќе беше многу поинтересна, силна, подинамична.

-На овој начин опозицијата одмогнува на Македонија. Се надевам дека нешто ќе се подобри во нивните редови, но тоа е работа на членството на СДСМ, а не е наша работа. Искрено се надеваме дека СДСМ ден поскоро рационално ќе погледне кон состојбата во Македонија и нема да се оптеретува со личните желби за добивање на функции на поединци во СДСМ кои долго време не успеваат да ги реализираат, да започнат да размислуваат и да работат заедно со нас на темите кои имаат реална содржина во смисла на напредокот на Република Македонија. Ако се тоа изборните правила, во ред, ние сме спремни да разговараме за тоа. Ако треба да адресираме одредени состојби со перцепцијата кон работата на медиумите во Република Македонија, спремни сме да ги чуеме сите идеи..., истакна Димовски.

Тој уште еднаш искажа надеж дека пратениците на СДСМ ќе се вратат во Собранието и ќе дебатираат за многу теми.

Целото интервју погледнете го на следниот линк: Видео

15.09.2014 - 13:37


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега