Тодоров на 64.сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа

 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Копенхаген ќе се сретне со регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Сузана Јакаб во пресрет на 64.сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа, која почнува утре во главниот град на Данска.

Тодоров ќе се обрати на таа сесија, а на неа ќе учествуваат министри и високи претставници на 53 земји-членки на СЗО за европскиот регион, партнери и претставници на граѓанското општество.

Клучни прашања кои ќе бидат опфатени на 64. сесија на Регионалниот комитет се првиот извештај за спроведувањето на „Здравје 2020“, резултати од претходно одржаните конференции, стратегија за инвестирање во децата, Акциски план за храна и исхрана на СЗО за европскиот регион за 2015-2020, Регионален акциски план за вакцини за 2015-2020 и СЗО реформи и нивните импликации на регионалната канцеларија на СЗО за Европа.

Четиридневната програма, исто така, вклучува шест извештаи за напредокот за: ХИВ/СИДА, употреба на алкохол, превенција од  повреди, Европската животната средина и здравствените процеси, здравјето на децата и адолесцентите и резистентност на антибиотици. Тие извештаи ќе овозможат ажурирање на имплементацијата на резолуциите договорени од страна на Регионалниот комитет на претходните сесии.

Тодоров попладнето ќе учествува на состанокот со министрите за здравство на здравствена мрежа на Југоисточна Европа, по што ќе ја посети Универзитетската болница „Rigshospitalitet“ во Копенхаген. Toj вечерта пред претставници на неколку болници и осигурителни компании ќе ги презентира можностите за инвестиции во Република Македонија во слободните здравствени зони.

14.09.2014 - 10:29


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега